Американската филмска академија, вечерва по 93. пат ќе ги додели Оскарите, а церемонијата ќе биде различна од досегашните.
Годинешните Оскари се одржуваат два месеци подоцна од вообичаено поради пандемијата со коронавирусот, а церемонијата ќе се одвива на повеќе локации.
Најзначајните делови од настанот ќе се одвиваат како и обично, во Лос Анџелес, но на две локации – во театарот „Долби“ и во главната железничка станица, која поради својата големина овозможува почитување на ковид-протоколите. Две студија ќе има и во Европа – едното во Париз, а другото во Лондон.
На овогодишната церемонија ќе нема публика, а ќе изостане и вообичаениот метеж на црвениот килим. Меѓу ангажираните за режијата на Оскарите се и Стивен Содерберг и Глен Вајс кои најавија дека церемонијата нема да наликува на класичен ТВ-преност туку како филм.
„Оскарите овојпат, како и во секој филм или театарска претстава, на креативен начин ќе ја раскажат приказната на гледачите. Ќе има толку многу енергија“,
се дел од пораките кои ги испраќаат продуцентите во пресрет на доделувањето.
Филм со најмногу номинации (10) е „Mank“, а по шест имаат: „The Father“, „Judas and the Black Messiah“, „Minari“, „Nomadland“, „Sound of Metal“, „The Trial of the Chicago 7“.
Иако „Mank“ е номиниран во најмногу категории, сепак, фаворит за Оскар за најдобар филм е „Nomadland“ (Земја на номади).
Годинешните Оскари ги обележува и тоа што за првпат во историјата за најдобар режисер се номинирани две жени: Клои Жао („Nomadland“) и Емералд Фенел („Promising Young Woman“). Интересен податок е и што американската актерка и продуцентка Франсес Мекдорманд е првата жена во историјата која е номинирана и за најдобра актерка, но и за најдобра продуцентка за „Nomadland“.