Во 19 часот се затворија гласачките места во Албанија која денеска ги спроведува 9. по ред парламентарни избори.
Наспроти тензичната изборна кампања, денешниот изборен ден помина без проблеми, барем според Централната изборна комисија (ЦИК).
Претседателот на ЦИК, Илирјан Целибаши веќе одржа прес-конференција на која не го криеше задоволството од мирниот тек на изборниот процес.
„Изборниот ден мина во мирна атмосфера. Денот може да го оцениме како успешен. Проблемите што се појавија околу електронска идентификација не влијаеа врз текот на гласањето. Ваквиот вид идентификација се случува за првпат и генерално успешно го реализираме, исто како и електронското гласање во едно избирачко место во Тирана, што беше пилот-проект“,
рече Целибаши.
Тој побара смиреност, да не се манипулира со изборни резултати и да се почне веднаш со пребројување на гласачките кутии.
Според Целибаши, иако конечниот процент на излезност не е познат, може да се очекува тој да биде околу 48 отсто.
На денешните избори право на глас имаа 3,5 милиони граѓани на Албанија. На изборите учествуваат 16 политички субјекти (два помалку од претходните) и двајца независни кандидати или за 140 места во парламентот се борат 1 841 кандидати, а од нив 39,7 отсто се жени.
Кампањата траеше еден месец, беше различна од претходните поради пандемијата со ковид-19. Сепак, тоа не беше пречка и за завршните митинзи организирани вчера, на кои имаше масовно присуство. Во текот на кампањата не изостанаа ниту обвинувањата и навредите, но и инцидентите. Помеѓу посериозните беа кршење прозорци на изборни штабови, обид за купување гласови, а најсериозниот беше вооружен напад во Елбасан каде беше убиен активист на партијата на актуелниот премиер Еди Рама.