Над 3,5 милиони граѓани на Албанија денеска од утрово имаат шанса да го остварат своето право на глас на 9. по ред парламентарни избори во земјата, кои се одржуваат во време на пандемијата, но и во јубилејната 30-та година од падот на комунистичкиот режим.
Правото на глас во утринските часови го остварија и главните политички актери во Албанија. Премиерот и лидер на Социјалистичката партија, Еди Рама, кој се бори за трет мандат, предводникот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, и претседателот Илир Мета. На изборите гласаше и премиерот на Косово, Албин Курти, кој има и албански пасош.
Рама, кој очекува нов мандат, порача дека денеска граѓаните „го шутираат својот пенал“.

„Ова е многу убав ден. Фантастичен ден, денеска е ден во кој не треба да се негуваат негативни чувства кон секој што со својот глас ќе изрази поинакво мислење. Денеска сме големо семејство во една татковина, нека не забораваат дека демократијата е спорт без публика, спорт за секој да влезе на терен и да го шутира свој пенал“,
изјави Рама.
Неговиот ривал Баша, кој во кампањата изрази уверување дека по 8 години ќе падне актуелната албанска влада, го оцени денот како историски.

„Ова е еден прекрасен, историски ден, ден кога сите ја имаме моќта во наши раце, за семејството, за децата, за нацијата. Гласајте масовно за да ја направите иднината можна. Денеска е ден на Албанија, излезете масовно и одлучете. Ова е вашиот ден, денот на демократијата“,
порача Баша.
Рама побара од граѓаните масовно да гласаат и да ја убедат Европа дека заслужуваат интеграција во ЕУ.
„Дојде овој благословен ден, Бог ни помогна денеска суверенот (народот) да има најдобри можни услови за да ја изрази својата волја преку слободно гласање. Еднаквоста пред законот се гарантира само со еднаквоста на гласот. Секој граѓанин треба слободно да гласа за она во што верува, како и за кандидатот. Изберете ги најдобрите и најискрените кандидати. Претседателот има агенда што се поклопува секоја секунда, но најважната работа ја завршив. Денеска е патриотски чин, се се брани со гласање. Да ја убедиме Европа дека сме народ што заслужува интеграција“,
рече Мета, кој гласаше уште во 7 часот утринава, веднаш по отворањето на гласачкото место.
Курти како сопственик на албански пасош, го искористи своето право и гласаше во Тирана. Тој воедно е и учесник на изборите бидејќи од огранокот на неговата партија во Албанија има тројца кандидати за пратеници кои влегоа во трката како независни во Тирана, Лежа и Ѓирокастро.

„Денеска е ден на демократијата. Ги повикувам сите граѓани да ја почитуваат татковината, со гласање и да го направат најдобриот избор според принципите и вредностите што ги имаат сите. Денот е убав. Така ќе биде до вечерва. Ви посакувам убави денови и благосостојба на Албанија и на секој човек кој, исто како мене, има албански пасош“,
рече Курти.
На изборите учествуваат 16 политички субјекти (два помалку од претходните) и двајца независни кандидати или за 140 места во парламентот се борат 1 841 кандидати, а од нив 39,7 отсто се жени.
Единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција на овие парламентарни избори нема своја кандидатска листа. Затоа, пак, нејзиниот лидер и актуелен пратеник, Васил Стерјовски е на кандидатската листа на Социјалистичката партија на Рама за округот Корча, каде го доби првиот мандат, кога партијата беше во коалиција со ЛСИ. Стерјовски се запиша во историјата со неговото обраќање на македонски јазик од говорницата на албанскиот законодавен дом. Повик да ја поддржат оваа партија и Стерјовски упатија премиерот Зоран Заев, македонското друштво „Илинден“ и други. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги повика Македонците во оваа соседна земја да гласаат за Движењето за социјалистичка интеграција (ЛСИ), предводено од Моника Круеманди, на чија листа за регионот Корча е кандидат и Панди Јани од Пустец.