За 36 од пронајдените документи постоела пријава од сопствениците дека се украдени или изгубени. Пасошите требало да се користат за нелегална миграција преку грчките аеродроми. Уапсените биле откриени при контрола на автомобил од страна на полицијата во една атинска населба, а меѓу четворицата била и жена која преправајќи се дека е бремена, под облеката во кеса ги криела пасошите, личните карти и другите документи
Грчката полиција уапси четири лица, странски државјани за поседување пасоши и патни исправи што им припаѓаат на трети лица и за фалсификување документи со цел да се користат за нелегална миграција. Во соопштението не е споменато од кои земји се пронајдените пасоши, меѓутоа на фотографијата од конфискуваните документи објавени од полицијата, се гледа дека два од пасошите се македонски, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката полиција соопштуваат дека биле откриени 33 пасоши од различни земји, 23 лични карти од различни земји, 17 возачки дозволи од различни земји, три дозволи за управување со јахти, како и дозволи за престој, пет мобилни телефони и 550 евра, а за 36 од пронајдените документи постоела пријава од сопствениците дека се украдени или изгубени.
Од прелиминарната истрага на Одделот за управување со миграција било констатирано дека уапсените требало да ги достават конкретните документи за нелегална миграција преку аеродромите во Грција.
„Количината и широкиот спектар на патни исправи, како и големиот број на земји на потекло, ја покажуваат интензивната активност на уапсените во криминалната област на нелегалната миграција. Од контролата на конфискуваните документи произлезе дека некои од нив имаат значителни измени, како што се оштетени страници со податоците на сопствениците на пасошите, а во други документи, беа отстранети фотографиите“,
соопштија од грчката полиција.
Уапсените биле откриени при контрола на автомобил од страна на полицијата во една атинска населба, а меѓу четворицата била и жена која преправајќи се дека е бремена, под облеката во кеса ги криела пасошите, личните карти и другите документи.