Утрово, ГЕРБ-СДС испрати писмена покана за разговори до „Има таков народ“, а еден час подоцна, партијата на Слави Трифонов, исто така, писмено одговори дека не ја прифаќаат
Партијата на Бојко Борисов ГЕРБ утре ќе одлучи дали ќе го врати мандатот или ќе го достави предлог – составот за влада предводена од мандатарот Даниел Митов за гласање во Националното собрание.
Дилемата се наметна откако партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов денеска ја одби поканата на ГЕРБ-СДС за преговори, а вчера истото го направи и Демократска Бугарија.
Утрово, ГЕРБ-СДС испрати писмена покана за разговори до „Има таков народ“, а еден час подоцна, партијата на Слави Трифонов, исто така, писмено одговори дека не ја прифаќаат.

„И пред конституирањето на сегашниот парламент, ‘Има таков народ’ јасно кажа дека во никој случај и во ниту една прилика нема да учествува во разговори со партии што ја претставуваат сегашната влада на земјата. За нас, партијата ГЕРБ е симбол на статус – кво и ние не сакаме никакви разговори за која било влада предложена од претставниците на оваа партија. Затоа, сметаме дека е природно да одбиеме да учествуваме во консултациите кои ни беа предложени“,
изјави Тошко Јорданов, претседател на Генералното собрание на „Има таков народ“.
За утре е закажан состанок на Извршниот комитет на ГЕРБ, на кој ќе се донесе одлука во врска со мандатот.

„Денес нема да го вратиме мандатот , утре ќе се одржи состанок и сега ќе одлучиме точно што да правиме со мандатот“,
рече Даниел Митов, кандидат за премиер предложен од ГЕРБ-СДС.
Митов призна дека може да има опции, предлог-кабинетот да му биде предложен на претседателот Радев, а потоа да се гласа на пленарна седница. Тој објасни дека ја почитува одлуката на „Има таквов народ“, но коментираше дека одбивањето дијалог не е политичко однесување што може да се одржи долго време.
На прашањето дали ќе би поддржале влада што би ја предложила друга пратеничка група, Митов одговори дека нема да гласаат за кабинет со мандат од БСП.
„Сè што знаеме е дека тие водат некои задкулисни разговори. Кои се овие разговори, кој со кого ги води, какви имиња се нудат, никој не знае. Тие цело време зборуваат дека се против заткулисни игри, а сега тие ги водат“,
рече Митов.
На Твитер, Европската народна партија изрази целосна поддршка за предложениот кабинет на Митов.
Партијата на Трифонов денеска не даде конкретен одговор дали би се обиделе да формираат влада.
„Некои колеги овде умираат да останат во овој парламент по секоја цена, каква и да е. Дали ќе има официјален кабинет, дали ќе го вратиме мандатот или ќе формираме влада, ќе видите многу наскоро”,
рече претставникот на партијата Јорданов.
Доколку ГЕРБ го врати мандатот или не добие поддршка, следна што ќе го добие мандатот е „Има таков народ“ на Трифонов.
Бугарскиот претседател Румен Радев пред два дена му го даде мандатот на Митов, и изрази очекување дека за седум дена, како што предвидува Уставот, тој ќе предложи состав на новата влада, која, како што рече, „очекува да ја води земјата и да ја извлече од сегашната криза“. Тој има седум дена да поднесе предлог-кабинет или да го врати мандатот.
Викендов Бугарската социјалистичка партија (БСП) објави дека ќе гласа против предлогот за нова влада на ГЕРБ, а ќе ја поддржат онаа на „Има таков народ“ на Слави Трифонов, но нема да учествуваат во неа.
Поддршката за Трифонов бугарските социјалисти ја условуваат со пет барања.