Чешка вчера објави дека протерува 18 руски дипломати од Амбасадата во Прага под сомнение дека се разузнавачи на руската служба ГРУ, за која, како што соопшти премиерот Андреј Бабиш на вонредната прес-конференција „имаат несоборливи докази“ дека е вмешана во двете експлозии во магацини за муниција во Врбетице, на југот на Чешка есента 2014 година
Прага знае какви ќе бидат последиците по протерувањето на 18 руски дипломати од Чешка, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Прага е свесна за тоа што следи по ваквите трикови“,
изјави Захарова за агенцијата ТАСС.
Чешка вчера објави дека протерува 18 руски дипломати од Амбасадата во Прага под сомнение дека се разузнавачи на руската служба ГРУ, за која, како што соопшти премиерот Андреј Бабиш на вонредната прес-конференција „имаат несоборливи докази“ дека е вмешана во двете експлозии во магацини за муниција во Врбетице, на југот на Чешка есента 2014 година, кога загинаа две лица.
Вицепремиерот Јан Хамачек, кој привремено ја извршува и функцијата министер за надворешни работи, го извести рускиот амбасадор дека 18 дипломати од руската амбасада мора да ја напуштат Чешка во рок од 48 часа.
Исто така, тој ја одложи и најавената посета на Москва каде утре требаше да разговара за набавка на вакцини.
Амбасадата на САД во Прага напиша на Твитер дека „Соединетите држави стојат зад својот непоколеблив сојузник, Чешка. Ја цениме нивната значајна акција за одговорност на Русија за опасни активности на чешка територија“.