Не е точно дека лицето Дејан Смилевски изработувало, одржувало или имало каква било допирна точка со проектот „МојДДВ“, реагира директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска.
Демантот на Лукаревска доаѓа откако денеска на социјалните мрежи се споделуваше информацијата дека наводно еден од хонорарците кои ги објави Владата, бил дел и од проектот „МојДДВ“, а истиот добил и парични средства на наградна игра. Меѓу оние кои споделија ваква информација е и поранешната пратеничка Солза Грчева, а слични објави беа пренесени и во дел од порталите.
„Најостро демантирам дека лицето Дејан Смилевски изработувал, одржувал или имал било каква допирна точка со проектот/апликацијата/наградната игра ‘МојДДВ’. Компанијата ‘Акцент ДООЕЛ’ го изработи и одржува софтверот. Извлекувањето на наградите и нивните приматели оди преку лотариски систем-случаен избор и во него учествуваат сите кои скенирале фискални сметки. Притоа, УЈП е задолжена за процесот на скенирање на сметките, заедно со Министерството за финансии сме покровители, додека Државната Лотарија е приредувач на наградната игра. Значи, во посочениот случај нема и не може да има конфликт на интереси“,
реагира Лукаревска.
Во однос на тоа дали е етички исправно едно хонорарно ангажирано лице во Генералниот секретаријат на Владата да прими награда која ја добил по случаен избор, Лукаревска вели дека тоа е надвор од надлежностите на институцијата со која таа раководи, однонсно УЈП.
„Искрено жалам што и ‘МојДДВ’, како еден од најуспешните проекти на УЈП, преку кој физичките лица за прв пат добија поврат на ДДВ, стана мета на опозицискиот систем за ширење на лажни вести и правење штета по секоја цена. Секогаш ќе реагирам на ваквите дезинформации и нема да дозволам компромитација на проектите кои враќаат пари кај граѓаните за некој партиски да профитира“,
пишува Лукаревска на Фејсбук.
Од владината прес-служба пак, велат дека ваквите написи се злонамерен линч и потсетуваат дека предупредиле дека ова може да се случи откако ќе го објават списокот на ангажраните хонорарци од страна на Владата.
„Издвоени поединци, изложени на лична деградација, со комплетна лажна вест. Токму на ваквите хајки предупредувавме. Ова не е новинарско истражување, ова е злонамерен линч од страна на политички актер во општеството“,
реагираат од владината прес-служба.
Портпаролот на Владата, Душко Арсовски, во петочното издание на „360 степени“ рече дека првично Владата не сакала да го објави списокот на хонорарците бидејќи во поларизирано општество, таквите лица се често на мета на јавноста.