Во исто време, „360 степени“ преку својот правен тим иницира барање за извинување за клевета (пред тужба) од авторите на песната Петар Младеновски и Саше Љолес по вчерашната објава на Фејсбук во која, меѓу другото, за сторијата на „360 степени“ напишаа: „Во самата вест има многубројни невистини и недоречености кои се пренесени како дел од изјави на нашите најдобри фудбалери, но и шпекулации и озборувања на ’дневна база’“
Редакцијата на „360 степени“ донесе одлука да го тргне од јутјуб-каналот делот од химната за фудбалската репрезентација што го објавивме вчера во рамките на сторијата за скандалозното барање на претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини – името на селекторот Игор Ангеловски-Мрме да не се споменува во текстот на песната.
Оваа одлука ја донесовме на барање на еден од авторите на песната, Саше Љолес, кој во телефонски разговор со нашиот новинар Петар Клинчарски изнесе куп навреди, пцовки и закани до редакцијата на „360 степени“. Тој се повикува на авторски права, а иако дел од песната е објавен и на фејсбук-профилот на фудбалската репрезентација, „360 степени“ реши да го почитува неговото барање.
Објавувањето на дел од песната вчера беше во функција на новинарската сторија, која се темелеше на изјави на репрезентативците Горан Пандев и Илија Несторовски и на селекторот Игор Ангеловски-Мрме. Сите сведочеа за непријатната сцена на која присуствувале за време на снимањето на спотот за навивачката химна кога, како што рекоа, авторите на песната го запознале селекторот Ангеловски со барањето од врвот на ФФМ – тој да биде изоставен од текстот. Затоа и биле снимени сцени со и без Ангеловски.
Во исто време, „360 степени“ преку својот правен тим иницира барање за извинување за клевета (пред тужба) од авторите на песната Петар Младеновски и Саше Љолес по вчерашната објава на Фејсбук во која, меѓу другото, за сторијата на „360 степени“ напишаа:
„Во самата вест има многубројни невистини и недоречености кои се пренесени како дел од изјави на нашите најдобри фудбалери, но и шпекулации и озборувања на ’дневна база’.“
