Верските лидери и претседателот на Владата денеска се состанаа со цел да испратат порака до граѓаните да се почитуваат мерките за заштита од ширењето на коронавирусот, но и да се однесуваат одговорно за време на претстојните празници.
Тие апелираат до сите верски заедници за почитување на мерките донесени од страна на Владата.
„Од страна на верските лидери присутни на состанокот е укажано дека на заштитата на здравјето, не е само обврска на државата туку е и верска обврска, бидејќи секој човек е должен, како општествено така и според верата, да биде во служба на здравјето. Заеднички е констатирано дека во овие моменти, кога човештвото се соочува со непредвидлив вирус, потребна е разумност од страна на сите верници бидејќи болеста не избира религии и нации“,
информираат од Владата.
На средбата присуствуваа директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи Даријан Сотировски, кој се сретна со поглаварите на верските заедници во земјава споменати во Уставот – на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, на Исламската верска заедница, реисул ул-улема хаџи Шаќир ефенди Фетаи и на Католичката црква, монсињор Киро Стојанов, бискуп скопски и епарх струмичко-скопски.
На средбата е заеднички оценето дека од почитувањето на мерките ќе зависи и како граѓаните ќе ги поминат претстојните празници: Велигден и Рамазан Бајрам.
На состанокот разговарале и за прашања од областа на денационализацијата на имот и образованието и е одлучено за нив да има дополнителни контакти, со цел заокружување на решенијата во интерес и на државата и на верските заедници и граѓаните.