Министерот за економија, Крешник Бектеши, се надева дека во текот на летната сезона во земјава ќе има и странски туристи и најави дека промоција за С Македонија како туристичка дестинација ќе започне на почетокот на мај.
„Јас мислам дека ќе имаме странски гости сезонава. Што се однесува до нашите домашни капацитети, ние веќе при крајот на овој месец ќе го објавиме јавниот повик за поттикнување на домашен туризам кој веќе две години го реализираме како Минстерство за економија. Дополнително на тоа ја разгледуваме можностата да ги вклучиме и туристичките агенции да можат да издаваат одредени ваучери кои ги издава Министерството за економија или пак да бидат посредници за нашите граѓани и за нашите туристички објекти и на таков начин директно да им помогнеме“,
рече Бектеши во гостување на Сител.
Според него, заедно со стопанските комори се работи на отпочнување на промоција на земјава како туристичка дестинација за странски гости. Тој додаде дека годинава вредноста на ваучерите за туризам ќе биде уште поголема.
„Вредноста ќе биде уште поголема, а дополнително на тоа ќе биде за сите тие вработени со ниски приходи. Ако има потреба секако дека сумата ќе се зголеми, но истовремено и бројот на граѓани опфатени во програмата ќе биде зголемен“,
рече Бектеши.