Синдикатот се залага и за тоа сите работници што ќе работат во недела да добијат ден за неделен одмор во денот пред односно денот по неделата што би ја работеле
Сојузот на синдикати на Македонија не се согласува со предлогот на Министерството за труд и социјална политика, правото недела да биде неработен ден, да се уреди и со Законот за трговија, освен со Законот за работни односи.
Синдикатот, како што пренесува МИА, смета дека ова треба да се уреди само со Законот за работни односи, како основен од трудовото право, а не да со посебни закони, затоа што тоа може да доведе до нееднаквост на правата на работниците и да предизвика правна несигурност.
Оттаму информираат дека учествувале на состанокот на Економско-социјалниот совет на кој се разгледувало ова прашање, но го искажале своето незадоволство.
„ССМ го искажа своето незадоволство од тоа што после 6 месеци преговарање и договарање на деталите за начинот и постапката за остварување на ова право на работниците, Министерството за труд и социјална политика и министерката, која е воедно и претседателка на ЕСС, Јагода Шахпаска, го промени концептот и предлага ова право да се уреди и со Законот за трговија“,
се вели во соопштението.
Додатокот на плата за работа во недела, според Синдикатот, треба да се зголеми најмалку за 100 проценти за секој час поминат на работа во недела. Синдикатот се залага и за тоа сите работници што ќе работат во недела да добијат ден за неделен одмор во денот пред, односно денот по неделата што би ја работеле.
„ССМ искажува загриженост за проширување на дејностите, вклучително и дозволување на работа на трговските центри (моловите) кои ќе бидат во исклучоците кои ќе можат да работат во недела. ССМ смета дека помошните и придружни дејности односно работни места кои се предвидува да работат во недела не се прецизирани и не се дефинирани во законот и оваа формулација не е јасна и општа. Не е утврдено за колку и колкав број на работници се однесува, па истата може да биде извор на манипулации и злоупотреби, а со таквата нејасна формулација наместо, со законските измени да се уреди правото недела дека е неработен ден, всушност недела ќе стане работен ден за најголем број работници“,
се наведува во соопштението.
Од ССМ повторно нагласуваат дека не се согласуваат законските измени да се одложат за јануари 2022 година, како што предложи Министерството за труд и социјална политика.