Иако посочува дека целата опозиција во Собранието прави сѐ за да се блокираат сите процеси, од владејачката партија не ја споменуваат Алтернатива, коалициски партнер на Алијансата, која има четворица пратеници
Ако сакаат ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Левица да блокираат, нека ги вратат платите овој месец, затоа што освен блокади ништо друго и не сработија, посочи денеска пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов, на прес-конференција на која се осврна за последните случувања што доведоа до „парализа“ на законодавниот дом.
Иако посочува дека целата опозиција во Собранието прави сѐ за, како што вели, да се блокираат сите процеси важни за граѓаните и за иднината на државата, Костадинов не ја спомнува Алтернатива, коалициски партнер на Алијансата за Албанците која има четворица пратеници.
„ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Левица се на спротивната страна од интересите на граѓаните кои им ја дале довербата. За опозицијата во Собранието не е важно здравјето на нивните колеги, не им е важно здравјето на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ, со неформалните коалициски партнери Алијанса и Левица, заеднички учествуваат во блокирање на законите кои обезбедуваат реализација на економски мерки од четвртиот и петтиот пакет. Срамно, безобразно и понижувачки е пратеник да им вели на граѓаните да се стрпеле некој месец без плата, за истиот тој пратеник да дојде овде во Собранието, да не се појавува на седници и да зема месечна плата неколкукратно поголема од минималната“,
изјави Костадинов и нагласи дека пратениците од сите политички партии имаат обврска пред граѓаните да си ја работата работата, за што земаат плата.

Покрај законите што се однесуваат на економските мерки, според Костадинов, опозицијата кочи и десетици закони кои се важни за развој и напредок на државата и на институциите:
- Законот за административни службеници,
- Законот за високо образование,
- Законот за внатрешни работи,
- Законот за работни односи,
- Законот за здравствена заштита,
- Законот за културно наследство,
- Законот за нов Клинички центар,
- финансирањето на новиот еколошки јавен превоз во Скопје…
„Во услови кога државата, целото општество сѐ уште се соочуваат со коронавирусот, опозицијата се противи на продолжување на кризната состојба. Кризна состојба на целата или на дел од територијата се прогласува уште од 2015 со мигрантската криза и досега никогаш не била оспорена или проблематизирана. Со кризна состојба, меѓу другото, дадени се овластувања Армијата да учествува заедно со граничната полиција во обезбедување на границите, особено границите на кои има редовни појави на нелегален транзит на мигранти. Судејќи по претходните лажни вести, следејќи ја логиката на ВМРО-ДПМНЕ, значи ли ова дека оваа партија и Алијанса сакаат во нашата држава да се населат мигранти, да се градат бегалски кампови“,
вели Костадинов и истакнува дека мнозинството ќе ги искористи сите деловнички и законски можности, за сите законски решенија во интерес на граѓаните да бидат донесени.