Тој утрово е приведен во Полициската станица Карпош, по сознанија на Агенцијата за национална безбедност дека се подготвувал да ја напушти државата, а Обвинителството бара притвор
Бизнисменот Орце Камчев во моментов е на распит кај судија на претходна постапка, откако Обвинителството за организиран криминал побара притвор за него поради сомнение дека се подготвува за бегство.

Тој утрово е приведен во Полициската станица Карпош, по сознанија на Агенцијата за национална безбедност дека се подготвувал да ја напушти државата.
Во Кривичниот суд е и обвинителката Лиле Стефанова, а пред судот освен новинари има и блиски луѓе на Камчев.


Орце Камчев е еден од осомничените во истрагата „Плацовите на Водно”, каде првоосомничен е поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој според наводите на Обвинителството, си купувал плацови со пари од донации за ВМРО-ДПМНЕ, додека Новачевски го прикривал сопствеништвото на земјиштето. Станува збор за средства во висина од над 1,3 милион евра за купување земјиште од 11 илјади квадратни метри.
Орце Камчев е еден од осомничените и во случајот „Империја“.
Во „Империја“, како што своевремено соопшти СЈО, станува збор за финансиски криминал односно перење пари преку фирми во земјава и офшор-компании, а се истражуваат неколку кривични дела, како злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари. Покрај Камчев, осомничени сè уште 12 лица, меѓу кои и Сашо Мијалков, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ.