Во сообраќајка несреќа што денеска се случи во близина на селото Крупиште тешко се повредени три лица. Во несреќата учествувале две возила, од кои едното на Итната помош од Кочани, а второто е камион.
Повредените лица се возач, медицинска сестра и тешко болен пациент од коронавирусот од Кочани.
Со тешки скршеници се примени во штипската Клиничка болница, но портпаролот Марина Шуманска вели дека по прегледот и поради сериозноста на повредите веднаш се хоспитализирани на трауматологија во Клиничкиот центар во Скопје.
Сообраќајната несреќа се случила околу 9:30 часот на регионалниот пат Штип-Кочани кај селото Крупиште. Според полицискиот увид, дошло до судир меѓу камион, кој работи на изградба на експресниот пат, и возилото на Итната медицинска помош од Кочани. При вадење на повредените од возилото на медицинското возило интервенирале и штипските пожарникари.
Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панојотова информира дека на оваа патна делница се случила и втора сообраќајна несреќа кај селото Уларци. Увидот е во тек, по што полицијата ќе информира за деталите околу несреќата, во која првично учествувале три возила.