Обвинетиот ексминистер Миле Јанакиески денеска заврши со изведувањето на своите докази
Поранешниот републички обвинител Марко Зврлевски, кој беше на оваа функција за време на упадот во Собранието пред 4 години, ќе добие покана да сведочи на наредното рочиште за случајот познат како „Организаторите на 27 април“.
Него го предложи ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски, кој е обвинет во предметот.
Тој е еден од петте сведоци што ги предложи Атанасовски, а откако ќе ги изведе и своите материјални докази предметот ќе влезе во завршна фаза, односно сите обвинети ќе треба да дадат одбрана, да има дополнение на доказната постапка и заврши зборови.
Имало или не граѓани од други градови?
На денешното рочиште, пак, со своите докази заврши обвинетиот ексминистер Миле Јанакиески. Иако најавуваше дека ќе презентира снимки од камерите во центарот на Скопје од „Сејф сити“, сепак, неговата одбрана го повлече ваквиот предлог. Како што објаснија адвокатите, откако направиле увид, сметаат дека во нив нема ништо што би било важно за настанот.
Јанакиески презентираше друг доказ – записник од седница на Оперативниот штаб во МВР кој ги следел протестите на 27 април 2017.
Обвинителката Вилма Русковска приговараше дека тоа не е поврзано ниту со Јанакиески ниту со Спиро Ристовски, но ексминистерот рече дека е поврзано, зашто сакаат да го побијат тврдењето дека организирале превоз за граѓани од други градови. Јанакиески посочи дека во записникот пишува оти на протестот во Скопје немало организирани граѓани од други градови и презентираше дека тој ден, во исто време, се протестирало и низ повеќе градови во земјава.
„Во дополнение на доказната постапка ќе докажам дека организирале, има докази кои се изведени во другиот предмет за 27 април. Сакаат да побијат неспорен факт“,
рече Русковска.
Со денешната презентација тој заврши со своите докази во постапката.
Заедно со споменатите Атанасовски, Јанакиески и Ристовски, обвинет во случајот е и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски. Сите се товарат за загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Во истрагата беа осомничени и експремиерот Никола Груевски и ексразузнавачот од УБК, Никола Бошкоски, двајцата во бегство, но тие ќе станат обвинети кога ќе бидат достапни за македонските органи на прогонот.