Два дена по ред оваа најтешко погодена јужноамериканска држава регистрира по над 2 000 смртни случаи дневно и над 75 000 новозаразени
Во Порто Алегре, на југот на Бразил, главната референтна болница за ковид-болни престана да прима нови пациенти бидејќи нема место на интензивна нега
Бразил пријавил 2 233 смртни случаи како последици од ковид-19 во последните 24 часа, што е втор ден по ред бројот на починати да надмине 2 000, додека регистрирани се 75 412 нови случаи на заразени, објави тамошното Министерство за здравство.
Во оваа најтешко погодена јужноамериканска земја досега се регистрирани над 11 милиони случаи од почетокот на пандемијата, додека, според Министерството официјалниот број на смртни случаи се искачи на 272 889. Со тоа Бразил е трета земја во светот со најголем број случаи на заразени, по Соединетите Држави и Индија, а со најмногу смртни случаи надвор од САД.
Минатата недела Бразил забележа најголем број смртни случаи во светот.

Болниците во главните градови на бразилските сојузни држави се пред колапс, со речиси целосна исполнетост на капацитетите.
Одделенијата за интензивна нега за третман на пациенти со ковид се исполнети со повеќе од 90 проценти во 15 од вкупно 27 главни града, според Биомедицинскиот центар „Фиокруз“.
Во Порто Алегре, на југот на Бразил, главната референтна болница за ковид-болни престана да прима нови пациенти бидејќи нема место на интензивна нега.
„Ова е предупредување. Го достигнавме максималниот капацитет и луѓето треба да станат свесни колку е лоша ситуацијата“,
изјави Клаудио Оливеира, директор на болницата „Консеикао“.
Ова е првпат болницата да одбива пациенти од почетокот на 2009 година кога првпат се соочи со епидемијата на Х1Н1. Оливеира за новинарите изјави дека болницата ги затворила вратите за да избегне колапс.
Додека претседателот Жаир Болсонаро јасно зборува против карантин и ги охрабрува Бразилците да ги напуштат своите домови, гувернерите и градоначалниците се борат да воведат ограничувања, и честопати залудно го молат населението предупредувајќи го за ризикот.

Екстремно десничарскиот претседател во четвртокот повторно ги нападна гувернерите поради затворањето, а повод беше потегот на сојузната држава Саун Пауло за забрана на фудбалски натпревари. Болсонаро рече дека ова ја зголемува сиромаштијата и дека карантинот не е решение.
Додека Европа и Соединетите Држави ја зголемуваат вакцинацијата и го намалуваат бројот на случаи, тој процес во Бразил допрва започнува – досега се вакцинирани само два процента од 210 милиони Бразилци.
Само два града со засилени мерки
Двата најнаселени бразилски града, Саун Пауло и Рио де Жанеиро, од вчера ги заострија мерки бидејќи нивните болници се борат против вториот бран на вирусот, особено со позаразната варијанта што се појави во регионот Амазон.

Мерките во Саун Пауло вклучуваат полициски час од 20 часот навечер до 5 часот наутро, прекин на верските служби и спортски настани, вклучувајќи фудбалски натпревари, но и забрана за користење плажи и паркови. Државата Саун Пауло, во која живеат околу 44 милиони луѓе, во моментов дозволува да работат само продавниците за основни продукти, како што се супермаркети и аптеки.
Секретарот за здравство на Саун Пауло рече дека болниците во повеќе од половина од општините се полни, а половина од пациентите се помлади од 50 години. Минатата година најсериозните случаи беа концентрирани кај повозрасната популација.