„Чуму ние би правеле софтвер ако немало причина заради МВР?Ако не го користат, можеби во иднина ќе го користат. Не ги знам деталите, оставам на службите, но знам дека е правено со причина“, вели премиерот
Софтверот за сообраќајни прекршоци е купен со причина, а тоа ќе го покажеме со документи, рече денеска премиерот Зоран Заев коментирајќи ја набавката на софтверот за мерење просечна брзина на возилата и изрекување казни за сообраќајни прекршоци, кој, како што објави „360 степени“, уште во февруари лани го купил Генералниот секретаријат кога со него раководеше Драги Рашковски, а МВР рече дека не знае за набавката и не планира да ја користи.
Заев уште еднаш повтори дека имало докази за комуникација меѓу Генералниот секретаријат и Министерството за внатрешни работи и претходни анализи за потребата од системот.
„Прво, ништо не е направено без причина, сите постапки што ги водиме ние како Влада, тоа е сметката Генерален секретаријат, нема друга сметка кај претседателот на Владата. Со таа сметка работат и Генералниот секретаријат, претседателот на Владата, потпретседателите на Владата, сите се со таа сметка. Нашето постоење е за асистенција на ресорните министерства. Има причинско правни последици зошто е тоа правено. Со документи ќе ви покажеме зошто е набавен софтвер кој може да се употребува во МВР. Постои писмена комуникација помеѓу двете институции – Генерален секретаријат и МВР, спроведен е тендер со проектирани 8 милиони денари, падната е цената на некои 5 милиони денари заради наддавањето, учествуваат компании коишто се капацитетни и самиот софтвер има конечна цел употребна вредност на улиците. Се работи за објект кој снима 360 степени, благодарение на претходни длабински анализи за потребата каков да биде, така што реков овие денови ќе ги соопштат сите детали и документи, ова е правено со причина. Не ни текнало нас седејќи во Владата ‘ај ќе правиме софтвер’. Имало потреба за тоа, затоа што е дел од сите политики и процедури поврзани со соодветните министерства“,
рече Заев.
Коментирајќи го ставот на МВР од каде што за „360 Степени“ претходно изјавија дека не биле координирани за набавката на софтверот и дека развиваат свој проект за казнување преку видеонадзор, Заев рече дека ако полицијата не го користи сега, можеби ќе го користи во иднина.
„Ако не го користат, можеби во иднина ќе го користат. Јас не ги знам деталите, оставам на службите, знам дека е правено со причина. Чуму ние би правеле софтвер ако немало причина заради МВР? Нема зошто тоа да се прави. Убеден сум дека софтверот изнаоѓа практична примена во безбедноста на сообраќајот“;
рече Заев.
Инаку, како што веќе објави „360 Степени“, набавката за која Владата платила 81 илјада евра, а осум месеци седи неискористена, носи назив „Софтвер за определување просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни“, додека Рашковски има патент од 2018 година со речиси исто име: „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување на казни“
Според податоците до кои дојде „360 степени“, Рашковски во 2018 година го патентирал „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување на казни“. Интересен е податокот дека во периодот кога според договорот меѓу Генералниот секретаријат и фирмата „Инвока гроуп“ (потпишан на 6 февруари 2020 година) сѐ уште се изработувал нарачаниот софтвер, Рашковски добил меѓународно признание за својот изум со слично име. Станува збор за пехар и златен медал на Меѓународниот саем на пронајдоци „Архимед“ одржан во Москва од 24 до 27 март 2020 година.
Системот на Рашковски е награден со златен медал и на Глобалниот форум за иновации одржан во октомври 2020 година на Кипар. И за руската и за кипарската награда на Рашковски постојат записи на официјалните интернет-страници на двете манифестации.
„За оние што читаат само наслови, многу работи се исти“, ни одговори Рашковски со СМС-порака прашан да ја коментира коинциденцијата.