Нов Зеланд набави доволно количество од антиковид вакцината на производителот „Фајзер“ за да се вакцинира целото население, изјави денеска премиерката Џacинда Ардерн, јави ДПА.
„Среќна сум што денеска можам да објавам дека потпишавме договор за купување дополнителни 8,5 милиони дози од вакцината на ‘Фајзер’. Дополнителните дози ќе бидат доволни за вакцинирање на 4,25 милиони луѓе“,
рече Ардерн.
Нов Зеланд вакцинацијата ја почна минатиот месец со вакцините на „Фајзер“, кои прво им беа дадени на здравствените работници. Се очекува до крајот на годината да бидат потребни околу пет милиони дози вакцини за сите во земјата да бидат целосно вакцинирани.
Ардерн додаде дека одлуката за да се потпрат само на вакцината на „Фајзер“ се должи на високата стапка на ефикасноста што вакцината ја покажала.
Нов Зеланд досега имаше подобра здравствена слика за пандемијата во споредба со повеќето земји, благодарение на строгите затворања на границите и силното следење на контактите.
Земјата досега пријави малку повеќе од 2 000 случаи на ковид-19 и вкупно 26 смртни случаи, пренесе ДПА.