Посочувајќи дека е за премиер кој би бил натпартиски и заеднички прифатлив, опозицијта индиректно одговори на предлогот на Заев за заедничко учество во политичката Влада, по примерот на ЦДУ и СДП во Германија
ВМРО-ДПМНЕ е спремна да разговара доколку на чело на експертска влада биде премиер кој би бил заеднички прифатлив, натпартиска личност што може да ја води државата до локалните избори и тогаш да се организираат и предвремени парламентарни избори, реагираат од опозициската партија откако премиерот Зоран Заев предложи двете најголеми партии да учествуваат заедно во политичката влада, по примерот на германските ЦДУ и СДП.
ВМРО-ДПМНЕ, всушност, не се огласи досега директно за предлогот што го изнесе Заев, туку реплицираше на изјава на Стефан Васев од СДСМ дека Христијан Мицкоски со месеци живееле во фатаморана дека станува премиер.
„Очигледно е дека Васев не е запознаен со последната изјава на неговиот шеф, кој денес, со неговата изјава за широка влада потврди дека на Македонија и е потребна нова и поинаква Влада. Заев денес потврди дека неговата влада и мнозинството се неефикасни и немаат капацитет да се носат со проблемите. Заев не е способен да ја менаџира Република Македонија. Наместо Васев да дава празни изјави и да обвинува, нека погледне што се случува во неговата партија. А, ВМРО-ДПМНЕ е спремна да разговара доколку на чело на експертската влада биде човек кој би бил заеднички прифатлив, натпартиска личност што може да ја води државата напред, а потоа да се организираат предвремени парламентарни и локални избори“,
се посочува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, Васев изјави дека со месеци Мицкоски и неколку негови соработници ја лажеле јавноста дека имаат ново парламентарно мнозинство и дека Владата предводена од СДСМ само што не паднала.
Поради лични калкулации во белиот дворец, Мицкоски и неговите поддржувачи со месеци ги блокираат важните процеси за иднината на државата. На крајот, се потврди дека сите лаги, сите блокади и опструкции се со една цел – спас на фотелјата на Мицкоски во белиот дворец. Внатрешните пресметки за превласт во белиот дворец Мицкоски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да ги прекршат врз грбот на граѓаните. Крајно време е пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да престанат со деструкциите и да научат нешто од дебаклот што го доживеаја.Прат ениците од ВМРО-ДПМНЕ имаат шанса да се вразумат и конечно да се престројат на страната на граѓаните и државата. Со или без нивната поддршка, реформите во интерес на граѓаните ќе продолжат“,
рече Васев.