Министерството за животна средина до Собранието достави измени на Законот за управување на квалитетот на амбиенталниот воздух, со кој се предвидува досегашните препораки за време на високо ниво на концентрациите во воздухот да станат обврска за институциите.
„Ограничувањето на режимот на сообраќајот, ограничување на производството на капацитетите што загадуваат, реорганизација на работното време и овозможување на ранливите групи да не бидат изложени на високите концентрации на загадувачки материи на воздухот, да станат дел од правниот промет. Со други зборови, кога Владата или општината ќе издаде наредба, овие мерки веднаш ќе стапат во сила“,
рече Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина, на денешната тркалезна маса „Состојби, предизвици и перспективи за решавање на проблемите со аерозагадувањето во Скопскиот плански регион – Предлози“, во организација на Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој – „Цепро САРД“.
Петровска кажа и дека годинава Министерството конечно по 15 години добило буџет за акредитација на централната лабораторија, која иако постои со децении нема акредитација да работи.
Со оваа лабораторија треба да се лоцираат сите загадувачи, и ќе биде дел од Државниот инспекторат за животна средина.
Од Министерството за животна средина очекуваат предложените измени да бидат усвоени пред распуштање на Собранието, за сите препораки што веќе ги испратиле кога загаденоста беше над лимитот, да бидат обврзувачки за општините, Владата и за приватниот сектор.