Градежен шут и земја завршувале во и околу Охридското Езеро, констатира Државниот инспекторат за животна средина. Утврдиле дека на потегот помеѓу хотелот „Далјан“ и Домот за стари лица во изградба, на површина од 964 квадратни метри на брегот на езерото, но и во самото езеро, фрлен е градежен шут и насипана е земја од ископ на темели од непозната локација. Во координација со Министерството за внатрешни работи, го пронашле сопственикот на земјиштето и против него е поднесена кривична пријава.

„Со цел санирање на крајбрежјето, Инспекторатот поднесе и Информација за влијанието на нелегалното насипување на земја и шут на брегот на езерото во населба Далјан и за итно враќање на крајбрежјето во првобитна состојба. Имајќи го предвид Мислењето на Хидробиолошкиот завод од Охрид дека ‘нелегалното насипување на земја и шут на брегот од Охридското Езеро во населба Далјан има негативно влијание врз Охридското Езеро, особено врз квалитетот на водата и седиментот, врз живиот свет во езерото, неговиот биодиверзитет, оплитувањето и други негативни последици на овој значаен акватичен екосистем’, очекуваме Владата да ги задолжи Министерството за транспорт и врски и Општина Охрид да го отстранат насипот и да го санираат крајбрежјето“,
соопштија од ДИЖС.
