Кога станува збор за бројот на излекувани пациенти и починати, пак, речиси и да нема разлики
Претходната недела (од 22 до 28 февруари) регистрирани се 3 628 нови случаи на ковид-19, што е зголемување за дури 56,4 проценти во споредба со една недела претходно, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Новите случаи се регистрирани од направени 20 161 тестирања.
Процентот на позитивни, покажува извештајот, се движел од 12 до 21,7 отсто или просечно 17,9 проценти.

Новите случаи се регистрирани во 32 различни града, а според возрасна група најмногу биле над 60 години – 25,1%.
Голем број заболени се регистрирани и во возрасните групи од 30 до 39 години (18,4%), 40-49 години (18,2%), 50-59 (16,9%) и 20-29 години (14,6%).
Најмалку заразени, пак, има кај децата до 9 години (1,7%), додека во групата деца и тинејџери од 10-19 години биле 5,2% од вкупниот број тестирани.
Кога станува збор за бројот на излекувани пациенти и починати, пак, речиси и да нема разлики.
Како оздравени се евидентирани 1 766 случаи, идентично како и неделата претходно, а бројот на смртни случаи во периодот од 22 до 28 февруари изнесувал 69, што е за еден помалку.
Во однос на возраста на починатите, 60 лица биле над 60 години, 5 на возраст од 50 до 59 години, 3 на возраст од 40 до 49 години и едно лице на возраст од 30 до 39 години.
