Никој не гласаше „против“ или „воздржано“ на прашањето за доверба што го постави самиот премиер, затоа што во опозициската редица немаше ниту еден пратеник
Со „обновена“ поддршка од 62 пратеници, Владата го помина попладнево првиот тест за доверба во Собранието.
Шест месеци откако беше избран овој кабинет на Зоран Заев, во кој покрај СДСМ и ДУИ, партиципира и Беса, премиерот сам и ненадејно побара пратениците да се изјаснат дали Владата и натаму ја има нивната поддршка.
Резултатот, барем во делот на поддршката, беше ист како и на 30 август минатата година, кога беше избрана оваа Влада.
За доверба на Владата гласаа 62 пратеници. Никој не гласаше „против“ или „воздржано“ за прашањето на доверба што го постави самиот премиер, затоа што во опозициската редица не остана ниту еден пратеник.
„Опозицијата шест месеци најавува ново мнозинство. Точно е дека сум прв премиер кој сам поставува прашање за доверба на неговата Влада и тоа е прашање на храброст и одговорност. Ред е да се соочиме и да расчистиме. Денес ќе се види дека оваа коалиција го почитува правто на помалите партии за независно дејствување“,
рече Заев, користејќи го правото да се обрати од собраниската говорница пред чинот на гласање.
За опозицијата, премиерот рече дека во овој период ќе остане запаметена како кочничар на правната држава и на политичките процеси, при што наброи кои се закони се закочени во Собранието.
„Недозволиво е да не се закажуваат седници на собраниски комисии што ги води опозицијата, да се поднесуваат илјадници амандмани против реформски закони. Ние нема да дозволиме несигурност и неизвесност“,
рече Заев.
Според Деловникот, ако премиерот побара гласање на доверба на Владата, усно на пленарна седница, тогаш за барањето се гласа на самата седница и без расправа. Единствено претседателот на Владата има право на уште едно обраќање пред чинот на гласање.
Во изминатите три децении плурализам, речиси сите македонски влади поминуваа низ тестови на доверба. Но, ова е прв случај претседател на влада сам да побара да се гласа доверба на неговиот кабинет. Досега беше практика иницијативите за гласање доверба на влада да ги поднесува парламентарната опозиција, за што е предвидена сосема поинаква процедура, во споредба со таа кога прашањето ќе го постави премиерот на собраниска седница.
Откако на Владата ѝ беше изгласана доверба, истото прашање, како што е предвидено со Уставот, не може да се постави во наредните 90 дена во парламентот.