Со реконструкцијата на Универзалната сала објектот ќе го задржи својот постојан габарит и автентичен изглед, рече Шилегов. Очекувањата се градежните активности да почнат во мај, а за проектот Владата издвои 120 милиони денари
Град Скопје денеска најави почеток на реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов рече дека објектот ќе се реконструира во постојниот изглед и габарит и очекува градежните работи да почнат во мај.
„На мое и општо големо задоволство промовираме проект за реконструкција на Универзална сала. Од буџетот се издвоени 120 милиони денари. Универзална беше, е и очигледно останува омилена културна институција на многумина скопјани. За мене тоа е доволна причина и мотив за повторно отворање на нејзините врати. Ќе биде реконструирана во постојниот габарит задржувајќи го својот автентичен изглед. Идејата да ја сочуваме во постојната форма и локација дојде по опсежна и отворена дебата и недвосмислено изразување на волјата на јавноста. Наш приоритет е да ја отвориме оваа сала во нејзиниот полн капацитет во текот на оваа година. На 8 март ќе ја примиме донацијата на изведбениот проект, со што ќе има услови за распишување на тендерската постапка и во текот на мај очекувам да почнат градежните активности“,
рече Шилегов.
Архитектот Бујар Муча од архитектонското биро „Мегарон“ објасни дека просторно и функционално, објектот ги задржува постојната функција и форма.
Реконструкцијата ќе биде во две фази – во првиот дел ќе се опфати надворешната реконструкција на Универзалната сала, а во втората фаза ќе биде внатрешното уредување. Меѓудругото, ќе има и намалување на бројот на седишта, а според планот капацитетот би бил од 1 100 до 1 200 седишта.
„Направивме анализа на објектот, ги видовме неговите маани и добри страни. Главниот акцент го поделивме проектот на две фази – изработка на фасадата и куполата, односно техничкото затворање на објектот и во втората фаза ќе понудиме решенија за функционалноста на проектот внатре. Да направиме една сала која ќе блесне во постојниот сјај. Го задржуваме и објектот во рамки на постојниот габарит. Духот на Универзална сала е сочуван, промените се од аспект на промена на материјали, промена на некои проблематични делови“,
рече тој.
За реконструкцијата Владата издвои 120 милиони денари.
„Универзална сала во времето кога е изградена ја пренесе пораката во постземјотресно Скопје дека животот мора да продолжи. Денес, во услови на пандемијата, која започнуваме со нејзината обнова, Универзална сала повторно ја носи истата порака дека животот мора да продолжи. Уште еднаш солидарноста доаѓа до израз. Архитектот Муча и неговото архитектонско биро го отстапија идејниот проект за реконструкција на Универзална сала како донација. Откако ќе заврши тендерот за изведувачките работи, се предвидува почеток на реконструкцијата во мај. Гласот на граѓаните е слушнат и прифатен. Таа ќе биде реконструирана со постојниот изглед и габарит“,
рече Заев.
Претходно имаше најави и за дислокација на Универзалната сала што предизвикаа критики во јавноста, по што Шилегов понуди три опции – изградба на нова универзална сала на постојната локација, изградба на нова сала на нова локација, и реставрација на постојниот објект и изградба на нова сала на нова локација.
Шилегов денеска рече дека одлуката за реконструкцијата на Универзалната сала не значи и откажување од идејата за изградба на нова концертна сала во Скопје.