Двајца Британци приложиле лажни негативни ПЦР тестови за ковид-19 на скопскиот аеродром поради што биле приведени, информираше МВР.
„На 27 февруари 2021 во 04:30 часот на Меѓународен аеродром Скопје, поради приложени фалсификувани негативни ПЦР тестови, од слобода биле лишени В.Б.(37) и Д.Х.(12), двајцата од Велика Британија. Тие биле предадени на инспектори од Одделот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Скопје за понатамошна постапка“,
соопштија од МВР.
Вестите за приложени фалц негативни ПЦР-тестови на граничните премини речиси стана секојдневие. Пред два дена скопското обвинителство поднесе обвинителни предлози против девет лица од истите причини.
Во четвртокот, од истата институција информираа и дека со условна казна е завршена постапката против сопружници кои на скопскиот аеродром пред три дена приложија фалц тестови.
Тогаш од МВР информираа за уште случај со фалц тестови, но на граничниот премин „Делчево“ каде лажни негативни тестови приложиле еден виничанец и двајца Турци.
Пред околу две недели, пак, на „Деве Баир“ беше откриен цел автобус со патници кои приложиле фалсификувани негативни ПЦР-тестови. Стануваше збор за 30 лица, од кои 28 македонски, а двајца албански државјани кои патувале со туристичка агенција од Скопје.
