Локал во скопското село Црешево не ги почитувал протоколите за заштита од ковид-19 и работел по дозволеното време – 21 часот, открила полицијата и Државниот пазарен инспекторат.
Контролата била извршена синоќа после 23 часот, а било констатирано и дека локалот не е регистриран. Во него биле пет лица и сопственикот, сите се приведени.
„Објектот бил затворен од Државниот пазарен инспекторат, а лицата биле приведени во Полициската станица Гази Баба. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена пријава по член 206 од Кривичниот законик за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“,
соопштија од МВР.
Ова не е прва акција на надлежните овој викенд. Вчера од МВР информираа за уште три вакви слични случаи. Еден во тетовско, каде беа приведени сопственикот и 18 странски државјанки, во Струмица, исто така беше откриен објект кој работел по дозволеното време, а и точел алкохол на малолетници. Уште еден случај за кој информираше вчера полицијата беше во скопско Стајковци каде во локал во петокот вечерта беа приведени 18 лица.
Меѓу приведените беа и новинарите Миленко Неделковски и Александар Митовски (Инфомакс), но и претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов, кој за „360 степени“ вчера изјави дека го прославувале пензионирањето на Неделковски.