Јужноафриканската мутација на коронавирусот пристигна во регионот. Хрватска и Словенија ги регистрираа првите случаи.
Хрватските епидемиолози објавија дека покрај британскиот кој е сè поприсутен, јужноафриканскиот сој е детектиран кај две лица кои изминатиот период биле на патување на Занзибар.
„Вчера ги добивме резултатите од секвенционирањето на примероците што ги испративме до Европскиот центар за контрола на болести. Од 300 примероци чии резултати пристигнаа, 60 беа позитивни за британскиот сој, што е 20 проценти позитивни примероци. Тоа е прилично висок процент. Потврдена е и јужноафриканската варијанта кај две лица кои се вратиле од Африка, од Занзибар“,
изјави епидемиологот, Горанка Петровиќ.
Докторката Јасмина Врањеш, пак, во изјава за хрватските медиуми зборува за опасноста од овој сој за кого вели дека носи „пандемија во пандемијата“.
„Тоа е пандемија во пандемијата. Така сите го нарекуваат. Тоа значи дека е потполно различна кривата на заразата. Може да се инфицира повторно и некој кој го прележал т.н. оригинален тип на ковид“,
вели Врањеш.
Во Словенија, пак, вчера е потврдена заразата со јужноафриканскиот сој кај лекар вработен во Клиничката болница во Марибор. Заразениот минатата недела со уште неколку лица престојувал во Намибија.
Словенечкиот министер за здравство, Јанез Поклукар, изјави дека уште две лица кои биле со него во Африка се позитивни и оти и тие најверојатно се заразени со истата мутација. Нивните контакти се веќе ставени во карантин.
Британскиот сој, пак, веќе извесен период е присутен во целиот регион. Повеќе од два месеци го има и во Северна Македонија. Пред еден месец, Министерството за здравство официјално информираше дека анализите откриле дека тој бил детектиран кај пациент што бил позитивен уште на крајот на декември 2020.
Денеска, британската мутација е сè подоминантна. Министерот за здравство, Венко Филипче вчера изјави дека анализата на вирусот покажува оти 70 отсто од вкупно новодијагностицираните случаи се пациенти кои се заразени со британскиот сој и најави дека викендов ќе се анализира ситуацијата во одредени градови, посебно во Кавадарци, Прилеп и Охрид за да се одлучи дали ќе има нови мерки.