На списокот има 70 лица, меѓу кои се претседателот Алберто Фернандез и членовите на неговиот кабинет, како и министерот за економија Мартин Гузман, аргентинскиот амбасадор во Бразил, поранешниот претседател Едуардо Дуалде, неговата сопруга и нивните деца и официјални лица кои не се меѓу приоритетите за првите 1,8 милион дози на вакцини
Аргентина продолжува да ја тресе скандал со вакцинација со протекции, кој засега зеде една политичка жртва – министерот за здравство кој беше сменет откако новинар призна дека лично од него бил повикан и бил вакциниран иако не е на приоритетната листа.
Аферата сега има ново продолжение – Министерството за здравство го објави списокот со 70 лица што нелегално примиле вакцина против коронавирус, а на него се наоѓаат челните луѓе на државата: претседателот Алберто Фернандез и членовите на неговиот кабинет, како и министерот за економија Мартин Гузман, аргентинскиот амбасадор во Бразил, поранешниот претседател Едуардо Дуалде, неговата сопруга и нивните деца и официјални лица кои не се меѓу приоритетите за првите 1,8 милион дози на вакцини.
Приоритети за добивање на вакцината се здравствените работници и луѓето постари од 70 години во внатрешноста на земјата и постарите од 80 години во Буенос Аирес.
Во Аргентина, која има 44 милиони жители, регистрирани се повеќе од два милиони луѓе, а 51 000 лица починаа од коронавирус.
Земјата досега има добиено 1,22 милиони дози на руската вакцина „спутник В“ и 580 000 дози на индиската вакцина, а во наредните денови очекува еден милион дози од кинеската вакцина на „Синофарм“.
Против поранешниот министер за здравство Гинес Гонзалез Гарсија се покренати околу 13 тужби, а новата министерка Карла Визоти го негира постоењето на т.н. „ВИП-вакцина“ во рамките на Министерството.
„Идејата за ВИП-вакцинација во Министерството за здравство е погрешна. Она што се случи беше специфична ситуација, 10 лица отидоа да се вакцинираат, а претседателот ги презеде потребните мерки“,
рече таа.
На барање на обвинителството од Буенос Аирес, полицијата синоќа влезе во Министерството за здравство за да провери кој влегол во зградата на 1 и 19 февруари, пишува аргентинскиот печат.