Во земјата со денови се пишува дека градоначалници, пратеници, активисти и луѓе блиски до власта се вакцинираат тајно, но чашата ја прели изјава на новинар кој призна дека бил вакциниран преку ред и тоа на покана на министерот
Аргентинскиот претседател Алберто Фернандез го смени министерот за здравство Гинис Гонзалез Гарсија, откако локален новинар призна дека бил вакциниран против коронавирус преку ред, што му било овозможено од министерот, иако не бил во приоритетната група.
Во Аргентина со денови се објавува дека градоначалници, пратеници, активисти и луѓе блиски до власта се вакцинираат тајно, иако тие не се во приоритетната група кои можат да примат вакцина во овој момент – здравствени работници и стари лица.
Новинарот Хорасио Вербицки, за кого медиумите во Аргентина пишуваат како за провладин новинар, изјави дека бил поканет од министерот во Министерството за здравство, каде што бил вакциниран со „Спутник В“.
Гонзалес Гарсија на Твитер изјави дека го прифаќа барањето на претседателот да се повлече, но инцидентот го нарече „недоразбирање“.
Аргентинската влада се соочува со критики поради бавноста во имунизацијата на населението.
Досега добиле околу 1,5 милиони дози, претежно „Спутник В“ и „Астра Зенека“, што е недоволно за да се имунизира население од 40 милиони.
Досега во Аргентина се заразени два милиони луѓе, а починаа 50 857 лица.