Обвинителството побара доживотен затвор за тројца обвинети за тероризам, максимални казни за двајца обвинети за помагање и ослободителна пресуда за еден обвинет за кого не се пронајдени докази. Одбраната, пак, смета дека надлежните не ги пронашле вистинските сторители и побара ослободителни пресуда
По три години судење во Основниот кривичен суд во Скопје, денеска ќе се изрече пресудата за случајот „Монструм“. Шест обвинети по вторпат од првостепениот суд ќе ја слушнат одлуката дали се виновни или не за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година.
Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ се обвинети за тероризам и за нив обвинителството побара доживотен затвор. Од нив, првите двајца се во бегство во Косово и со години косовските власти не ги екстрадираат. Хаки и Фејзи Азири се гонат за помагање во тероризмот, а за нив се побараа максимални затворски казни – од 9 до 10 години за едниот и 15 години затвор за другиот. Петтиот, Сами Љута, пак, се очекува да добие ослободителна пресуда откако неа ја побара и обвинителството поради немање докази за вмешаност во настанот.
Обвинетите и нивните адвокати, од друга страна, останаа на теоријата дека ова е монтиран случај и побараа ослободителна пресуда.
Одлуката ќе ја донесе петчлен Судечки совет од двајца судии, Огнен Ставрев како прв и Осман Шабани како втор судија, и тројца поротници.

Во петкратното убиство од 12 април 2012 година, во пресрет на Велигден, беа убиени четири момчиња од македонска националност на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од селото Црешево.
„Бомбите“ не открија нова вистина
Ова ќе биде втора пресуда изречена за „Монструм“ од Основниот кривичен суд во Скопје. Во првиот процес, сите се гонеа за тероризам и добија доживотни затворски казни. Меѓутоа, кога предметот стигна пред Врховниот суд, тогашната в.д. републичка обвинителка Лилјана Спасовска се согласи жалбите на обвинетите да се усвојат и случајот да се врати на повторно одлучување за утврдување на фактичката состојба. Во ноември 2017 година таква одлука донесе и Врховниот суд.
Предметот се врати на почеток, но сега во рацете на тогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО) кое го презеде поради тоа што постоеја прислушувани разговори поврзани со предметот. „Бомбите“ во судница како сведоци ги донесоа премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, поранешните функционери Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков и многубројни други нови сведоци. Меѓутоа, ниту снимките ниту сведочењата не открија ништо ново. Обвинителката Фатиме Фетаи во завршните зборови ги коментираше поединечно, но она што го даде како генерално видување е дека тие не откриле некоја нова вистина за случајот.

Со ист заклучок настапи и адвокатката Дафина Ивановска, која во предметот застапува едно од семејствата на жртвите.
„Цели три години се одржуваа рочишта, се слушаа ’бомбите‘, кои беа меѓу преовладувачките причини за укинување на пресудата, но по преслушувањето на ‘бомбите’ не се утврдија некои факти, освен што се одржаа многу рочишта и се одзеде многу време за да се донесе пресуда“,
рече адвокатката.
Тероризам – има ли мотив?
Обвинителството, во чие име пред судот настапуваа Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, останаа дека петкратното убиство кај Смилковско Езеро и тероризам. Во пресрет на донесување на пресудата, Фетаи потенцираше дека за ова дело мотивот не е законско обележје и затоа судот нема обврска да се осврнува на тоа, како и дека конкретни докази вообичаено за ова не постојат.

„Ние како обвинителство сметаме дека со судот и јавноста треба да ги споделиме нашите ставови за можниот мотив за извршување“,
рече обвинителката во завршните зборови.
Така, посочи таа, она што произлегува е фактот дека изборот на жртвите е тие да бидат Македонци, тоа да се случи неколку дена пред Велигден… Станува збор, потенцираше обвинителката, за настан кој можел да предизвика повторен конфликт и да доведе до многу невини жртви и случка која ја засилила омразата помеѓу Македонците и Албанците.
„Веројатно, мотивите можат да ги кажат Алил Демири и Африм Исмаиловиќ (кои се во бегство во Косово) кога ќе се соочат со овој суд. Агим не ја искористи таа можност. Мотивацијата да не се екстрадираат можеби е подлабока, но времињата се менуваат и очекувам и тие да бидат соочени со правдата“,
рече Фетаи.
„Не се пронајдоа вистинските сторители“
Од друга страна, одбраната на обвинетите во текот на целиот процес настапуваше со тезата дека станува збор за конструиран случај и оти лицата што седат на обвинителна клупа, всушност, се невини.

„Според одбраната, теоријата на случај се сведува на тоа што органите на прогонот не успеаја да ги откријат и да ги уапсат вистинските сторители, избрзаа“,
рече адвокатот Насер Рауфи во завршните зборови.
Тие ги оспоруваа вештачењата и сведочењата, меѓу кои и еден од клучните искази во целата оваа постапка – исказот на обвинетиот Хаки Азири пред истражен судија. Во тој исказ тој признава дека вечерта по убиството со автомобил кај скопската обиколница чекал двајца од обвинетите кои кога влегле во возилото му рекле: „Направиме го*нарија, убивме човек“. За разлика од обвинителството, кое смета дека неговиот исказ во кој раскажува во детали што знае, е вистинит, а Азири го повлекол откако имал телефонски разговор со неговиот родител, одбраната во текот на целата постапка тврдеше дека тој бил даден под присила, односно бил изнуден на таков исказ со мачење и тортура.
За случајот неодамна се одржаа и протести, организиран од роднините на обвинетите. Незадоволни од тоа што обвинителката Фетаи остана на обвинението за тероризам и побара најстроги казни, тие бараа нејзино разрешување, обвинија за неправда и корумпиран систем, а во обраќањето пред медиумите ги изнесоа и своите теории за случајот.

Роднината на еден од обвинетите, Бедри Ајдари, кога зборуваше пред медиумите, меѓу другото, настапи и со теза дека можеби некој друг, Македонец, наредил да се убијат жртвите со цел да се обвинат Албанци и да се држи подготвен некаков конфликт.
„Ние сме граѓани тука, од Македонија, не сме имале никогаш проблеми со соседите. Ние, нашите семејства не сме едуцирани да убиваме, а најмалку да направиме терористички чин. Ние го осудуваме овој чин, но не сакаме да нè најдат како случајна жртва за да понесеме одговорност“,
рече Ајдари.