Додека и министерот за здравство чека вакцинирање во втората група, секретарот на болницата во Охрид, правник по вокација, се вакцинирал заедно со здравствените работници од ковид-центрите
Санкции за прекршување на приоритетите за вакцинирање, односно на Националниот план за вакцинација најави вечерва министерот за здравство Венко Филипче откако дел медуми објавија информација за таков случај во Охридската болница.
Како што соопштија од Министерството за здравство, Филипче силно ја осудува злоупотребата и прекршувањето на приориртетите за вакцинирање согласно Националниот план за вакцинација.
„Ниту едно лице кое не се наоѓа во групата што во моментов има приоритет за вакцинирање, а тоа се само здравствените работници кои работат во ковид-центрите и со ковид пациенти не смее да се вакцинира. Листите за вакцинација беа доставени од страна на директорите на секоја здравствена институција и истите уште утре веднаш ќе бидат ревидирани, а оние кои направиле злоупотреби ќе бидат соодветно санкционирани“,
се наведува во соопштение од МЗ.
Филипче, исто така, напиша на фејсбук дека во овој момент е клучно да се вакцинираат приоритетните групи.
Како што објавија дел медиуми, секретарот на болницата во Охрид, правник по професија, кој не бил медицинско лице, денеска се вакцинирал заедно со дел од лекарите и медицинскиот персонал во модуларната болница во Скопјe.
Директорот на болницата Горан Балески, во разговор за Канал 5, ја признава грешката и вели дека ако е потребно ќе понесе одговорност.