Му предлагам на судот да донесе ослободителна пресуда бидејќи кривичната дела за кои ме обвинуваат не се кривични дела по закон. Го молам судот да ги цени олеснителни околности, дека сум семеен човек, немам дамка во работниот стаж во Армијата и УБК и дека целиот свој работен век сум го посветил во зачувување на безбедноста на државата.
Вака обвинетиот Тони Јакимовски од поранешната УБК го заврши своето излагање во денешните завршни зборови на рочиштето за предметот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на масовното прислушување и уништувањето опрема за следење на комуникациите од Управата. Во предметот тој е обвинет за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување на службена исправа.
Според неговата одбрана, во обвинението нема јасни и прецизни описи за кривичните дела што му се ставаат на товар, а обвинувањата Јакимовски ги нарече паушални и непоткрепени со докази.
И тој, исто како и Јанкулоска, стави акцент на вредноста на уништената опрема за која обвинителството тврди дека е 1,4 милион евра. Па така, повикувајќи се на докази и искази од сведоци на одбраната, потенцираше дека системите за следење на комуникациите потполно се амортизирале кон крајот на петтата година од нивната набавка и со оглед на тоа, рече, системот „Веринт“, кој е набавен во 2002 година, во 2008 имал книговодствена вредност од 1 денар, додека системот „Најст трак“, кој е набавен 2008 година, таа вредност од 1 денар ја имал во 2013. Оттука, потенцираше тој, нема штета во висина како што тврди обвинителство.
Тој зборуваше и за комисијата што била формирана, а која го спровела уништувањето во 2015 година, па се повика и на исказите од членовите.
„Сите членови децидно се изјаснија дека Тони Јакимовски нема влијание, не се мешал во работата на комисијата“,
рече обвинетиот.
Јакимовски ги отфрла и наводите на обвинителството дека пробал да уништува докази што биле најдени при претресот во неговата канцеларија во УБК, а како еден од аргументите ги наведе:
„Ако имало каква било намера за криење на докази, сигурно би биле уништени во режачот на класифицирани хартии, за да не се остави трага“.
Рочиштето во Основниот кривичен суд во Скопје за завршни зборови на одбраната трае повеќе од 4 часа. Претходно, своите завршни зборови ги дадоа и ексминистерката Гордана Јанкулоска и нејзиниот адвокат.
Во „Таргет-Тврдина“ има вкупно 12 обвинети. Јакимовски е еден од оние за кои обвинителката Ленче Ристоска побара осудителна пресуда, односно соодветна казна во чие одмерување ќе се земат предвид отежнувачките и олеснителните околности.
„За жал, се работи за кривично-правен настан во кој преовладуваат отежнувачките околности на сметка на олеснителните, бидејќи повредата на уставно загарантираните права на слобода и неповредливост на писмата на другите облици на комуникација и на приватност на личниот и семеен живот на корисниците на телефонските броеви чии комуникации биле незаконски следени е од досега невидени размери, а дејствијата на уништување на опремата се преземени исклучиво со цел избегнување на одговорноста за сторените злоупотреби“,
рече обвинителката.
За тројца обвинети, пак, таа побара максимални затворски казни како создавачи на групата која го спроведувала незаконското следење на комуникациите. Како „создавачи“ таа ги посочи: поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за ексначалникот на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски и за началничката од МВР, Надица Николиќ.
Според обвинителниот акт за „Таргет-Тврдина“, следењето на комуникациите во УБК било во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби. За 1 541 број, пак, комуникацијата била следена и пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Вкупно биле следени 5 827 телефонски броја. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.