Македонскиот наградуван филм „Медена земја“ влезе во трката за „Оскар“ со номинации во две категории – за најдобар документарец и за најдобар странски филм, соопшти денеска Американската филмска академија.
Ова е првпат македонски филм да биде номиниран во две категории. Пред 25 години, за странски филм беше номиниран „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, а во 1979 филмот „ДАЕ“ на Столе Попов беше номиниран за најдобар краток документарен филм.
„Ова е прв пат во историјата на „Оскарите“, документарен филм да е номиниран во две категории, што значи дека ова не е само успех со историски размери, туку истово потврдува дека документарниот јазик влегува во ерата на негово вистинско вреднување, каде што стои рамо до рамо со фикционалната нарација, а заради својата реалност заслужува посебна опсервација. Провоцира искрено сочувство, кое не се заборава после гледањето на филмот“
, напиша тимот на „Медена земја“ на својата фејсбук-страница.
За нив ова претставува големо достигнување на филмот.
„Големи се фестивалите кои го слават и величаат. Но, уште поголема треба да биде промената на која се надеваме. Таа промена тргнува од секој од нас поединечно“, истакнуваат тие во првата реакција по номинацијата.
Церемонијата на доделување на златната статуетка ќе се одржи на 10 февруари во Лос Анџелес.
Овие денови домашната публика има повторно можност да го види филмот за Атиџе Муратова, последната одгледувачка на диви пчели во Европа. Од четвртокот се прикажува во киното „Милениум“, од денеска во Кинотеката, а од 16 јануари и во киното „Синеплекс“.