Неотповикливата оставка на поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска за адвокатот Јовица Страшевски, кој е бранител на ексградоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, е победа на правдата, но за Основниот кривичен суд во Скопје, пак, со повлекувањето на поротничката на виделина излегле сите притисоци и закани што ги упатувала одбраната. На нејзино место веќе е обезбеден нов поротник, но и уште еден резервен.
Ивановска-Кочковска е дел од судечкиот совет во случајот ТНТ, а утрово половина час пред почетокот на судското рочиште таа го известила судијата кој е на чело на советот во овој предмет, Огнен Ставрев, дека си дава неотповиклива оставка. Ова ќе значи дека ТНТ ќе почне од почеток, а за тоа има две опции: само да се прочитаат досега изведените материјали и вербални докази или сите докази да се изведуваат одново и сите сведоци да бидат повикани повторно да сведочат. Која опција ќе биде зависи од одбраната, меѓутоа адвокатот Страшевски во изјава за медиумите го кажа неговиот став – подобро е повторно да се изведат сите докази.

„Има два начина – едно да се изведат, второ да се читаат. По мене подобро да се изведат повторно, меѓутоа ако се согласат сите и јас би се согласил затоа што јас, на пример, само два часа имав извршено увид во постапката и не знам ништо од доказите. Не се забавува постапката ниту со едното ниту другото, како ќе одлучи мнозинството јас ќе прифатам, нема да правам опструкции, зашто во интерес ни е да ја докажеме правдата и вистината“,
рече Страшевски.
На оставката на поротничката тој гледа како на победа на правдата.
„Сите сценарија кои сакаа да ги наметнат од Кривичниот суд, особено дека правиме притисок врз поротничката, дека има закани, се докажа дека не се точни. Надвладеа разумот и победи правдата“,
вели адвокатот.
Од Основниот кривичен суд во Скопје, пак, велат дека ќе ја почитуваат одлуката на Ивановска-Кочковска, но велат заканите од изминатиот период кон неа излегле на виделина.
„Предупредувањата на Кривичниот суд за евентуалани притисоци и закани како и обиди за одолговлекување на постапката во предметот на јавноста познат како ТНТ, а за кои судот побара да бидат преиспитани од надлежните институции, денеска излегоа на виделина. Судијката поротничка, која изминативе денови беше постојано прозивана, па дури и беше посочено и дека ако се појави во судот прави кривично дело, денеска до судот достави неотповиклиува оставка во која наведува дека заради истек на мандат, навршени години и нарушено здравје поднесува оставка“,
посочуваат од скопскиот суд.
Покрај нов поротник на местото на Ивановска-Кочковска, сега на судењата за ТНТ ќе има и резервен поротник, па во случај и во иднина од какви било причини да се повлече некој од тројцата поротници судењето нема да се враќа на почеток.
Од Основниот кривичен суд ѝ порачуваат на одбраната дека ако навистина не сака да ја одолговлекува постапката ќе се согласи на опцијата да се читаат доказите, без повторно да се изведува секој од нив посебно. Тоа, смета судот, ќе значи почитување на начелото за судење во разумен рок и на јавниот интерес за предметот.

„Во тој правец судечкиот совет на одбраната и понуди, доколку не сакаат непотребно да ја одолговлечат постапката, да прифати судењето да почне формално од почеток со читање на доказите заради запознавање на новиот поротник, а без нивно повторно изведување за што веќе има воспоставена пракса со нивните колеги адвокати во предметот на јавноста познат како ‘Еразмус’“,
наведуваат од судот.
Пораката што ја испраќа судот до одбраната во присуство на новинарите ја испрати судијата Огнен Ставрев кој е на чело на судечкиот совет.
„Не сакам да ја коментирам нејзината оставка, не е тоа моја работа, меѓутоа вие тврдевте пред овој судечки совет и пред мене лично дека тоа што го правевте и баравте два месеца не го правите за одолговлекување на постапката, туку за почитување на законот. Ако е така, потврдете се самите себе, ќе ја почнеме постапката одново, но имате шанса да ми кажете да ги прочитаме материјалните и вербалните докази наместо макотрпно да ја почнеме постапката одново. Тоа ќе биде целисходно брзо и ефикасно. Уште утре ви давам термин да дојдете на рочиште и да кажете“,
рече Ставрев.
Случајот ТНТ беше пред самата завршница односно до пресуда останаа уште распит на петмина од обвинетите и заврши зборови.
На обвинителна клупа во предметот, покрај споменатиот Трајковски, се и поранешниот министер Миле Јанакиески, четири лица кои учествувале во процесот на рушење на „Космос“, како и експремиерот Никола Груевски кому му се суди во отсуство.
*Поврзана вест:
Цаноски за обвинетите во ТНТ: Се надеваат дека ќе победат на избори и ќе се спасат од криминалите