Постои расположение да се отворат нашите копнени граници и постои раздвиженост за договори со земји од Балканот, најавува првиот човек на грчките хотелиери
Сојузот на хотелиери на Халкидики и на туристичката организација на грчкиот полуостров покренаа иницијатива за покривање 50 отсто од трошоците за ПЦР-тестови за туристите што ќе доаѓаат во овој дел од Грција.
Григорис Тасиос, кој е претседател на двете овие здруженија и на Грчката федерација на хотелиери, вели дека тоа е иницијатива што била спроведена и лани во август.
„Туристот со дестинација Халкидики, тестот заедно со сметката ќе ги покаже при пријавувањето во хотелот и ќе му биде вратен половина од износот што го платил“,
вели Тасиос во изјава за агенцијата АНА-МПА, пренесува МИА.
Со конкретниот предлог тој смета дека ќе влијаат на размислувањето на владата за отворање на копнените граници и ќе ја спасат туристичката сезона, која втора година по ред е загрозена од пандемијата.
Отворањето на туризмот, објаснува првиот човек на грчките хотелиерти, се базира на три точки: сертификат за вакцинација или рапид-тест или ПЦР-тест.
Во интервју за солунското радио „Тесалоники 94,5“, Тасиос изразува задоволство од постигнатиот договор меѓу Грција и Израел и вели дека може дури од почетокот на мај да пристигнат првите израелски туристи, а не ја исклучува можноста билатерални договори да се склучат и со балканските земји.
„Постои расположение да се отворат нашите копнени граници и постои раздвиженост за договори со земји од Балканот, иако загрижени сме во однос на инфраструктурата на царините на граничните премини“,
вели претседателот на Грчката федерација на хотелиери.
Тој најавува дека ако не постои договор за сертификатот за вакцинација на европско ниво, тогаш Грција ќе треба да склучи меѓудржавни договори за да има предност во конкуренцијата со Шпанија и Турција.