Имунизацијата ќе се одвива на пет вакцинални позиции, а во тимовите има лекари и медицински сестри
Во тек се подготовките во модуларната болница, каде што од среда треба да почне вакцинацијата против ковид-19.
Министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук информираше дека вакцинацијата ќе се одвива на пет вакцинални позиции, а во тимовите за имунизација има медицински сестри и лекари.
Модуларната болница ќе работи во две смени од 8 до 20 часот.
Првата пратка од 4 680 од предвидените 8 000 вакцини на компанијата „Фајзер“, кои Србија ни ги отстапи, пристигна вчера во земјава.
Кон средина на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм“. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“, кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку системот Ковакс.
Вакцинацијата ќе се одвива во три фази, согласно утврдениот Национален план за имунизација на населението. Во првата фазае предвидено да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување инфекција. Во оваа фаза е предвидено да се вакцинираат и постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст и лица постари од 70 години.
