Со вакцините од „Фајзер“ кои Македонија ги набави од Србија први ќе се вакцинираат здравствените работници во модуларната болница во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Вакцинацијата почнува од среда, а досега се пријавени 4 000 здравствени работници, од кои половината се во Скопје.
Од Министерството за здравство информираат дека првите 4 680 вакцини од Србија се сместени во фрижидерите во Институтот за трансфузиологија и дека здравствениот систем е целосно спремен за имунизација на населението.

Пратката со вакцини денеска ја прими македонскиот премиер Зоран Заев од српската делегација која ја предводеше претседателот Александар Вучиќ. Вкупната количина која треба да ја добие земјава од Србија е 8000 вакцини.

„Во текот на утрешниот ден ќе се заврши регуларната процедура во Агенцијата за лекови, после што вакцинацијата ќе започне во среда со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје“,
рече Филипче на прес конференцијата на граничниот премин Табановце.
Покрај оваа пратка се очекува и испорака на 200 илјади дози вакцини од Кина, за кои е потпишан договор во понеделникот.
Интерес за вакцинирање преку онлај апликацијата до вчера имаа иразено над 40 000 граѓани. Од Министерството за здравство информираа дека преку матичните лекари за вакцинирање се пријавени 12 652 лица.
Според предвиденото, во првата група за вакцинација се здравствените работници и лицата над 70 години.