Им се издавале возачки дозволи на лица што немале положено возачки испит
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека поднело обвинителен предлог против 36 лица во врска со случајот со нелегално издавање возачки дозволи од МВР.
Петмина од обвинетите ги товарат за продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувања, додека останатите 31 за поттикнување во извршување на делото.
Петтемина обвинети се вработени во Одделението за управни работи Скопје, Секторот за управно надзорни работи и Одделот за граѓански работи.
„Во периодот од 26 ноември 2019 до 19 мај 2020 година, поттикнати од останатите обвинети, тие пополнувале барања за издавање возачка дозвола во кои внесувале невистинити податоци, ги пуштале во процедура, вршеле одобрување и издавале возачки дозволи. На овој начин тие им овозможиле на подносителите да се стекнат со возачки дозволи од Б категорија, иако не ги исполнувале условите за тоа, односно немале положено возачки испит“,
велат од ОЈО Скопје.
Освен за петтемина од МВР, имаше кривична пријава за уште тројца во Одделението за управни работи, но Обвинителството не утврдило дека тие преземале незаконски дејствија.
За останатите 31 обвинет, освен дека ги поттикнале петтемина, нема други информации во соопштението од ОЈО Скопје.
На почетокот на овој месец овој случај го обелодени МВР кое поднесе кривични пријави до Обвинителството.