Таа за Нова ТВ одговори на изјавата на премиерот Заев дека позицијата на Бугарија кон нашата земја е непринципиелна
Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева ја критикуваше изјавата на премиерот Зоран Заев дека позицијата на Бугарија е непринципиелна и спречи овозможување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, со што требаше да биде означен почетокот на преговорите, во дебатата на американскиот тинк-тенк Атлантски совет во понеделникот.
Захарева обвини дека во нашата земја се негува омраза кон Бугарија и бугарскиот народ.
„Принципиелно ли е да воспитуваш генерации по генерации со омраза кон соседната држава и целиот нејзин народ? Проблемот е дека се негува омраза кон Бугарите, дека не се исполнува Договорот. Не може во 21 век да продолжуваат овие форми на секаков вид дискриминација“,
изјави Захариева за бугарската Нова ТВ.
Таа повтори дека има затегнување во односите и дека во бугарската влада нема разлики меѓу коалициските партнери по македонското прашање, посочувајќи на одлуката во парламентот.
Во дебатата во понеделникот на тема „Северна Македонија на прагот на Европа“, Заев рече дека пријателите не треба меѓу себе да се блокираат, туку да си помагаат, посочувајќи дека Бугарија мора да разбере дека имаме суверено право да се определиме и да се чувствуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик.
„Сметам дека нивниот сегашен став е анахрон и е спротивен на меѓународното право. Ние како држава ќе продолжиме да ги правиме сите напори да постигнеме надминување на проблемите, притоа почитувајќи се себе си и останатите. Нашата држава е Европа во мало“,
изјави Заев.