Утре Северна Македонија ќе ги добие првите вакцини против ковид-19. Ќе пристигнат вакцините на „Фајзер“ кои земјава ги купува од Србија.
Според најавата од Владата, тие ќе пристигнат на граничниот премин „Табановце“ каде што премиерот Зоран Заев ќе ја пречека делегацијата предвоена од претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Дел од македонската делегација ќе биде и министерот за здравство Венко Филипче.
Пред околу еден месец Владата ја договори набавката на 8 000 вакцини од Србија, за кои премиерот Заев рече дека ќе се платат по поволна цена.
Во однос на другите вакцини, Заев, одговарајќи на новинарски прашања, денеска рече дека се очекувања кинеските вакцини да пристигнат околу 15-16 февруари.
„Денеска очекуваме да се случи плаќањето од страна на нашата земја за да може да се испланира пакувањето, обезбедувањето на превозот. Денови се пред нас кога ќе стигнат вакцините“,
вели Заев.
Во втората половина на февруари, пак, како што потенцираше премиерот, стапува во сила директниот договор со „Фајзер“ и првата пратка од 5 850 вакцини се очекува да стигне токму во тој период.
„Секако, отворени се механизмите за набавка на ’Фајзер‘, ’Астра Зенека‘, и ’Модерна‘ преку Ковакс системот преку ЕУ. Секој ден очекуваме ново решение, комесарот Вархеји најави 70 милиони евра, зборува дури и за авансно плаќање, очекуваме час поскоро во Западен Балкан да стигнат вакцините“,
додаде Заев.