Светската здравствена организација забележува дека веќе четврта недела по ред паѓа бројот на новозаразени од ковид-19 во глобални рамките. Според извештајот на СЗО, од 1 до 7 февруари се евидентирани над 3 милиони новозаболени луѓе со ковид-19 во светот, што е за 17 отсто помалку од претходната недела.
Во истиот период се регистрирани и 88 369 починати од последици од вирусот, што е за 10 проценти помалку во споредба со претходните седум дена.
Во извештајот на СЗО се наведува дека од почетокот на пандемијата се потврдени вкупно 105 429 382 случаи на ковид-19 и 2 302 614 смртни случаи.
Најголем пад на новозаболени е потврден во Африка (22 проценти), потоа следува Европа (19) и во Северна и Јужна Америка (17 отсто). Според региони, во Африка е забележан пад од 30 проценти на смртните случаи, во Европа – 13 и во Северна и Јужна Америка – четири отсто.
Во периодот од 1 до 7 февруари најголем број на новозаразени со ковид има во САД околу 871 000, потоа следат Бразил (приближно 328 000), Франција (околу 136 000) и Велика Британија (речиси 133 000).