Вакцината е во форма на претходно наполнет шприц и со тоа ќе се олесни апликацијата
Филипче очекува да се вакцинирааат од 2 000 до 2 500 граѓани дневно
Подготвен е националниот оперативен план за вакцинација против ковид-19 и тој ќе се ажурира тековно согласно динамиката на пристигнување на вакцините во земјава.
Како што најави министерот за здравство, Венко Филипче, во понеделник ќе се потпише Договорот за набавка на 200 илјади дози вакцини од кинеските производители. Тој додаде дека очекува во најкраток можен рок тие да пристигнат во земјава.
„Вакцинацијата ќе се врши преку постоечката здравствена мрежа и вакцинални пунктови. Направен е детален план за транспорт од аеродром до сите места каде што вакцините се складираат, економските оператори и Здравствениот дом тука во Скопје, понатаму план за дистрибуција до вакциналните пунктови како и начинот на практично спроведување на вакцинацијата“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека потврден е и капацитетот на ладните соби за чување на вакцините.
„Оваа вакцина се чува и се дистрибуира на температура од 2 до 8 степени, што значи дека сите веледрогерии и компании и здравствени домови кои ќе бидат за складирање и транспорт на вакцините имаат капацитет и возила за чување и транспортирање на тие вакцини. Со тоа системот е целосно подготвен вакцините да се преземат од аеродромот и соодветно се складираат“,
рече Филипче.
Тој изјави дека на дневно ниво, со работа на пукнтовите со полн капацитет очекува да се вакцинирааат од 2 000 до 2 500 граѓани.
„Вакцината е во форма на претходно наполнет шприц и со тоа на некој начин се олеснува апликацијата. За секој граѓанин кој што ќе ја прими првата доза веднаш ќе биде резервирана и втора што треба да се прими после 21 ден што значи дека со оваа пратка на вакцини имаме вакцини за 100 илјади лица“,
рече Филипче.
Тој информираше дека, согласно планот први се вакцинираат сите лица од најризичната група, таа е поделена на две групи, во првата група се здравствените работници кои работат со ковид-пацинети.
„Здравствените работници од Клиничкиот центар ќе се вакцинираат на едно место на еден пункт предвиден за тоа, тука ќе се вакцинираат и останатите од тимовите коишто работат со ковид. Останатите здравствени работиници од Скопје ќе се вакцинираат во Поликлиниката во Букурешт. Здравствените работници од другите градови во Здравствените домови во рамките на тамошните вакцинални пунктови, таму каде што живеат и работат“,
рече Филипче и додаде дека во втората приоритетна група можност за вакцинација добиваат сите граѓани над 70 години.
Во втората фаза ќе се вакцинираат лица постари од 65 години, лица од 18 до 64 со коморбидитети или здравствени состојби со висок ризик, здравствените работници од Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје, фармацевтите, стоматолозите и другиот здравствен персонал, вработени во други витални институции, критична инфраструктура и новинарите, вработени во образовните институции и градинки.
„Во третата фаза останатите преостанати лица од повеќе групи од други важни дејности како прехрана, транспорт, производство на лекови, комунална хигиена, банкарски сектор, земјоделие, останати вработени во образование во здравство со низок ризик на зараза, лица кои што не можат да одржуваат физичка дистанца и на крајот практично сите граѓани кои сакаат да примат вакцина на возраст од 18 до 64 години“,
рече Филипче.