Средбата следи по извештајот на „Транспаренси интернешенал“ минатата недела според кој С Македонија го дели 111-тото место на рангирањето за Индексот на перцепција на корупцијата за 2020 година, што е за пет места подолу од 2019 г
Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и претседателката на „Транспаренси Интернешнл Македонија“, Слаѓана Тасева денеска разговарале за последниот извештај за „Индексот на утврдување на перцепцијата за корупција за 2020 година“, при што договориле натамошни заеднички активности.

Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на Николовски по средбата, во следниот период ќе се направи анализа на релевантните извештаи за да се утврдат клучните области во кои е потребно да се делува во престојниот период.
„Преку конкретни мерки и политики, Владата ќе се фокусира на решавање на случаите за кои постои сомнеж за корупција, на спречување и крајно искоренување на оваа девијантна појава, којашто го враќа општеството назад“,
се вели во соопштението.
На состанокот се разговарало и за меѓународните искуства и најдобрите практики што може да се имплементираат во борбата против корупцијата, за слабостите кои ја кочат работата и за подобра ефикасност во спречување на корупцијата.
Средбата следи по извештајот на „Транспаренси интернешенал“ минатата недела според кој С Македонија го дели 111-тото место на рангирањето за Индексот на перцепција на корупцијата за 2020 година, што е за пет места подолу од 2019 г.
Поради ова, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара цела Влада да си замине.
Од Владата веднаш реагираа дека се цврсто решени да се промени сликата и перцепцијата во борбата против корупцијата и тоа е еден од главните приоритети на „Акција 21 – европски стандарди дома“.