Ја следиме ситуацијата и спремни сме да преземеме и нови епидемиолошки мерки ако има повторно влошување, вели министерот за здравство
Ситуацијата со ковид-19 во земјава засега е стабилна, но сѐ уште не е време да се тргнат маските. Мора да бидеме претпазливи и, ако има ново влошување на епидемиолошката состојба, подготвени сме да воведеме нови рестрикции, изјави министерот за здравство Венко Филипче во утринското гостување на ТВ 24.
„Засега имаме една рамна линија. Се надевам дека и понатаму ќе биде така. Во секој случај, ја следиме ситуацијата и спремни сме да преземеме и нови епидемиолошки мерки ако има повторно влошување“
рече Филипче и посочи дека во земјава се идентификувани дваесетина соеви на коронавирусот, а дека деновиве се очекуваат резултатите од најновите испитувања на МАНУ во однос на присуството на британскиот сој на вирусот,
Тој апелира граѓаните да останат претпазливи и нагласува дека не е време да се тргнат маските.
„Треба да бидеме претпазливи. Засега ситуација е стабилна, болниците се испразнија, пополнети се само триесетина проценти од капацитетите. Со намалување на бројката на хоспитализирани се намалува и смртноста. Но, не знаеме на што се должи новиот бран во западните земји. Ги следиме советите на докторот Фаучи. Тој дури препорачува да се носат по две маски“,
рече Филипче.
Министерот за здравство уште еднаш посочи дека очекува овој месец да почне вакцинацијата во земјава со кинеските вакцини.