Игор Спасов, убиецот на Мартин Нешкоски, бил фатен од бугарската полиција откако жената со која живеел во софиската населба Младост го пријавила за насилство.
Ова го пренесе Бугарското национално радио. За време на увидот од бугарската полиција било утврдено дека тој бил баран од Интерпол. Игор Спасов влегол во Бугарија од Турција пред извесно време, а допрва треба да се испитува како ја поминал турско-бугарската граница.
Поранешниот припадник на единицата „Тигар“, Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешкоски, кој се бараше со меѓународна потерница, е уапсен вчера во попладневните часови во населбата Младост во Софија.
Спасов е осуден на 14 години затвор за убиството на Нешкоски, што се случи на плоштадот во Скопје на прославата на победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2011 година.
МВР распиша меѓународна потерница за Спасов на крајот на октомври 2019 година откако тој не се врати во затворот по завршување на лекувањето. Тој се бара за доиздржување на казна затвор од седум години и три месеци, стои на веб-страницата на нашето МВР.