Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, најавува дека за протестот организиран во петокот за поддршка на обвинетите во „Монструм“ ќе има кривични и прекршочни пријави.
Најавата тој ја даде од собраниската говорница на дебата за измените во Законот за полиција, кога пратеникот Бране Петрушевски, забележа дека во изминатиот период имало селективно постапување на полицијата кога има групирања, односно на Вевчанскиот карневал имало сериозна полициска интервенција, додека на протестот немаше полициско дејствување.
„Нема ниту еден настан на кој не се делува, претпоставувам дека мислите за протестот во петокот. Секако таму има и кривични пријави, постојат и прекршочни пријави. Детално ќе информираме утре или задутре врз основа на тоа што ќе биде сработено и завршено до крај од одделот за насилен криминал и јавното обвинителството. Така што никаде нема состојба каде не се преземаат дејствија. Само се прави процена како и на кој начин да ја зачуваме состојбата на задоволително ниво и да не настанат поголеми штети. Меѓутоа одговорноста секако ќе има“,
рече Спасовски одговарајќи на забелешките.
Протестот за „Монструм“ се одржа во петок откако во завршните зборови во повторениот судски процес обвинителката Фатиме Фетаи остана на обвинението дека во случајот со петкратното убиство кај Смилковско Езеро станува збор за тероризам и побара доживотен затвор за тројца обвинети, за двајца максимални затворски казни, а за еден побара ослободителна пресуда.
Протестот го организираа роднини на обвинетите, кои тврдат дека станува збор за монтиран процес и дека обвинетите не се извршители на убиствата.
Протестниот марш започна во Чаир, а заврши во центарот на Скопје, во близина на зградата на Јавното обвинителство, каде во еден момент дојде фрлање димни бомби од страна на демонстрантите, а беше оштетена и влезната врата на зградата на МНР, која се наоѓа во непосредна близина на обвинителството. На протестот можеше да се забележи и дека не се почитуваат мерките за дистанца, а голем број од лицата не носеа ниту заштитни маски.
- (ФОТОГАЛЕРИЈА) Почна протестниот марш за „Монструм“
- Не сме едуцирани да убиваме – порачаа роднините на обвинетите во „Монструм“ и побараа разрешување на Фетаи
- (ВИДЕО) Превртени контејнери на протестот за „Монструм“
Инаку, на собраниската седница каде Спасовски одговараше на забелешките за селективно постапување, пратеникот Петрушевски бараше и појаснување од министерот зошто од Законот за полиција се брише точка каде е наведено дека МВР води евиденција за лицата за кои се врши безбедносна процена. На тоа, Спасовски одговори дека таквата одредба се отрпнува бидејќи УБК повеќе не е дел од МВР и за правење безбедносна процена сега е задолжена Агенцијата за национална безбедност (АНБ).