Ова е втор викенд со протести во Русија, откако Навални беше уапсен веднаш по слетувањето во Москва на 17 јануари
Сопругата на рускиот опозиционер, Алексеј Навални е приведена на денешните протести, на кои излегоа илјадници граѓани ширум Русија.
Јулија Навални е приведена за учество во „неодобрен протест“ во Москва, јавија дел од медиумите повикувајќи се на информации на приврзаниците на Навални на социјалните мрежи.
Таа беше приведена и на протестот којшто се одржа минатиот викенд.
Од граѓанското движење за набљудување на протестите, ОВД-Инфо, јавија дека денеска се уапсени повеќе од 3 000 лица.
Протести беа организирани низ цела Русија ширум 11-те временски зони во државата, од Москва и Сант Петербург до источна Русија и Сибир, градовите како Јакутск каде температурата е под 40 степени целзиусови и Омск и Јекатеринбург во регионот Урал.
Полицијата претходно издаде предупредувања дека „нелегалните“ митинзи ќе бидат растурени како минатиот викенд и дека демонстрантите ќе се соочат со кривични пријави закршење на здравствените ограничувања поради епидемијата.
Ова е втор викенд на протести во Русија, откако Навални беше уапсен веднаш по слетувањето во Москва на 17 јануари. Критичарот на Кремљ, се врати во Русија откако се лекуваше во Германија поради труење со новичок. На Навални му е изречена мерка притвор од 30 дена, а се товари за прекршување на условната казна со неговото заминување во Германија поради лекување.
Навални за труењето го обвинува претседателот Владимир Путин, додека тој ги отфрли обвинувањата тврдејќи дека Навални е дел од валканите трикови на САД.