Ќе продолжиме со нашите активности во парламентот во координација со сите пратеници и пратенички групи коишто ги поддржуваат нашите барања, велат од Сојузот на средношколци
Сојузот на средношколци од утре продолжува со бојкот на наставата поради барањата за измени во концептот за полагање државна матура, со кои бараат да полагаат два наместо четири предмети.
Од Сојузот информираат дека ваква одлука донеле по синоќешната вонредна седница на Генералното собрание.
„Исто така, наша делегација претходно одржи средба со неколку пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. На средбата тие ја потврдија нивната поддршка за нашите барања. Бевме информирани дека ќе започнат со иницијатива за организирање на јавна расправа во понеделник и подготовка на законски измени“,
велат од Сојузот на средношколци.
Од Сојузот велат дека очекува консензус во Собранието околу нивните барања бидејќи, како што велат, ова прашање ги засега 18 илјади матуранти.
„Ние ќе продолжиме со нашите активности во парламентот во координација со сите пратеници и пратенички групи коишто ги поддржуваат нашите барања. Матуранти, нашата заедничка борба продолжува“,
велат од Сојузот.