Северна Македонија и Албанија ги исполнија критериумите што ние ги баравме од нив и сега треба ние да ги исполниме нашите ветувања.
Вака претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен образложи во кој правец ќе се води еден од приоритетите на ЕУ под хрватското претседателство. На прес-конференцијата во Загреб со хрватскиот претседател Андреј Пленковиќ, Фон дер Лајен рече дека новата методологија на која инсистира Франција ќе биде претставена на почеток на годинава, но дека паралелно со ова ќе се води процесот за Северна Македонија и Албанија.
„Сложеноста на новата методологија ќе ја претставиме кога ќе ја претставиме. Мислам дека може да работиме на темите што беа покренати во Европскиот совет. Но мора да најдеме начин да продолжи паралелниот процес за Северна Македонија и Албанија, а тоа е дека вратата е отворена и дека тие може да ги започнат преговорите за членство. Значи, ова е паралелен процес за обнова на методологијата и продолжување на процесот со овие две земји. Ние од нив баравме многу за да ги исполнат критериумите, тие го сторија тоа и ние сега не треба да ги менуваме условите и правила за нив. Во таа насока јас го очекувам новиот предлог и се надевам дека ќе бидеме успешни“,
рече Фон дер Лајен.
Претходно, хрватскиот премиер Пленковиќ кажа дека отворањето преговори со Северна Македонија ќе биде многу високо во приоритетите на хрватското претседателство со ЕУ. Во таа насока тој најави дека во Загреб ќе бидат поканети лидерите на земјите од Западен Балкан со цел да се афирмира европската перспектива на овие држави.
Планот на ЕК има за цел одлука во март
Како што веќе објави „360 степени“, Европската комисија работи на план чија крајна цел е почеток на преговори за членство со Северна Македонија и со Албанија во март годинава. Временската рамка за идните чекори би требало да изгледа вака:

- Европската комисија до крајот на јануари изготвува нацрт-методологија за пристапните преговори и почнува консултации со земјите членки на ЕУ;
- Европската комисија во февруари објавува скратен извештај за напредокот во реформите во Северна Македонија и во Албанија;
- Советот на Европската Унија, односно земјите членки, кон крајот на март ја усвојуваат новата методологија и носат одлука за почеток на преговори со Скопје и со Тирана
- Во календарот на ЕУ предвиден е состанок на Европскиот совет на 26 и 27 март, кога веќе ќе бидат завршени и локалните избори во Франција, закажани за периодот од 15 до 22 март.
Поврзани вести
Новиот еврокомесар за проширување Вархели на 15 и 16 јануари во Скопје
Вархели: Позитивната одлука за Скопје и Тирана треба да биде донесена пред Самитот во Загреб
Пленковиќ најавува: На самитот во Загреб имаме амбиција да се почнат преговори со С.Македонија и Албанија