ВМРО-ДПМНЕ и денеска излезе со обвинувања дека пописот кој власта планира да го спроведе во април е политичка, а не статистичка операција. Пописот, велат, е неопходен, но не со шпекулативни резултати.
„Заев турка попис на сила спротивно на сите европски стандарди и затоа сè уште нема методологија на само два месеци пред пописот. Бројките и процентите се однапред договорени, а доказ за тоа е двојниот потпис којшто ќе послужи како гаранција доколку еден од коалициските партнери не е задоволен од резултатот. Власта насилно наметнува голема теренска операција во сред пандемија, кога сите сериозни земји во регионот и Европа ги одложуваат своите пописи за да не го загрозат здравјето и животите на своите граѓани. Ова само гарантира дека власта веќе ги има резултатите од пописот и само треба да ги објави, за што говорат и отворените лицитации со резултати, бројки и проценти“,
обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Нивната реакција е по средбата која ја организира Државниот завод за статистика (ДЗС) со државниот врв и градоначалниците во врска со организацијата на пописот.
Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој е генерален секретар и на опозициската Алијанса за Албанците, изрази сомнежи дека пописот воопшто ќе се одржи. Тој рече дека за него е нејасна методологијата за попишување и најави дека нема да присуствува на денешниот настан и на другите дебати, бидејќи, како што вели, на нив мнозинството градоначалници застапуваат партиски ставови.
Прашан на што го темели сомневањето, посочи дека роковите се кратки за да се исполнат условите, а нејасна е и методологијата.
„Попис треба да има, тоа сум кажал повеќе пати и стојам на тој став. Меѓутоа имаме повеќе забелешки на методологијата. Не можам да го разберам ниту директорот државниот завод за статистика кој во неколку наврати различно зборува. Од тие причини, имам лични дилеми дека пописот ќе се одржи оваа година. Еве, веќе сме февруари, а подготовките за ваква значајна операција не се почнати“,
рече Таравари, нагласувајќи дека тоа е негов личен став.
*Поврзани вести:
Методологијата за спроведување на пописот наскоро ќе биде објавена и во „Службен весник“
Џафери за пописот: Април да покаже дека сме созреале како држава
Шилегов: Партиите да се откажат од повици за бојкот на пописот и оценување на уставноста